ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА ДОБИ ПОЛИТИЧКА ДИМЕНЗИЈА Одбиен конкретен план на ВМРО-ДПМНЕ

Советникот Влатко Ристовски обвини дека градоначалникот и мнозинството во Советот ја пропуштиле можноста да поддржат конкретно решение за проблемот со неконтролираното движење на добитокот.

ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕ ВО КРИВА ПАЛАНКА ДОБИ ПОЛИТИЧКА ДИМЕНЗИЈА Одбиен конкретен план на ВМРО-ДПМНЕ
Фото: Принтскрин

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Крива Паланка предложиле конкретен акциски план со четири оперативни мерки за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот, но предлогот не добил поддршка од градоначалникот и советничкото мнозинство.

Ова го соопшти советникот Влатко Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој оценува дека наместо конкретни чекори за надминување на проблемот, повторно се пропушта можност за институционално решение.

„Ние не дојдовме со празни политички пароли, туку со конкретен Акциски план со четири оперативни мерки, утврдени рокови, институционална координација, финансиска конструкција и механизам за контрола на реализацијата“, изјави Ристовски.

Според Ристовски, предлогот содржел конкретни решенија за организација на прифатен пункт за добитокот, формирање теренски екипи и координација меѓу надлежните институции, меѓу кои Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот и Министерството за внатрешни работи.

Планот предвидувал и хуман третман на животните, дезинфекција на јавните површини, помош за земјоделците кои претрпеле штети, како и финансиска конструкција за спроведување на мерките. Дополнително, била предложена петчлена комисија за надзор, контрола на реализацијата и редовно известување на Советот на Општината.

Ристовски упати прашања до градоначалникот и советничкото мнозинство, барајќи да соопштат со какви конкретни мерки планираат да го решат проблемот.

„Ако не го прифатија овој план, кој е вашиот план? Кои се вашите конкретни мерки? Кои се роковите? Колку средства сте подготвени да издвоите и кој ќе ја преземе одговорноста за реализацијата?“, праша советникот.

Тој критикуваше дека со месеци се одржуваат прес-конференции, се бараат виновници и се префрла одговорноста на други институции, но кога се нуди конкретен план за решение, тој се одбива. Ристовски најави дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе бараат институционално решение за проблемот со добитокот, нагласувајќи дека нивната обврска кон граѓаните не завршува со одбивањето на денешниот предлог.

„Ние понудивме решение, сега градоначалникот и мнозинството должат одговор – што нудат тие?“, порача Ристовски.

CATEGORIES
Share This