ПРИСТИГНА ПЛЕНКОВИЌ Македонија и Хрватска потпишуваат повеќе договори
Продлабочување на билатералните односи и европска интеграција.

Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска во Охрид го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на земјава. Според Мицкоски, посетата претставува потврда за силните пријателски односи меѓу Македонија и Хрватска, како и за заедничката посветеност на европските вредности, регионалната стабилност и продлабочувањето на билатералната соработка.
Хрватската делегација беше пречекана на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде покрај Мицкоски присуствуваа и повеќе министри од македонската влада.
Според официјалната агенда, по тет-а-тет средбата меѓу двајцата премиери, во хотел „Инекс Горица“ ќе се одржи и владина билатерална средба. Предвидено е Македонија и Хрватска да потпишат договори за стратешка соработка, додека ресорните министерства за економија и енергетика ќе потпишат меморандум за соработка во енергетскиот сектор.
Во рамки на посетата, ќе се одржи и бизнис форум на компании од двете земји, со цел унапредување на економската соработка и отворање нови можности за инвестиции и партнерства.
