САМО СТОМАТОЛОГИЈА ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ Мистерија околу здравјето на Нетанјаху

Премиерот Бенјамин Нетанјаху повторно хоспитализиран по стоматолошка интервенција.

САМО СТОМАТОЛОГИЈА ИЛИ НЕШТО ПОВЕЌЕ Мистерија околу здравјето на Нетанјаху
Фото: Принтскрин

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, синоќа бил префрлен во медицинскиот центар „Хадаса Еин Керем“, соопшти неговиот кабинет, наведувајќи дека станува збор за стоматолошка интервенција, без да бидат дадени дополнителни детали.

Канцеларијата на премиерот ја потврди информацијата откако локалните медиуми објавија дека тој бил однесен во болница.

Здравствената состојба на 76-годишниот премиер повторно е во фокусот на јавноста, по повеќе инциденти кои доведоа до критики за недоволна транспарентност околу неговото здравје, пренесува „The Times of Israel“.

Овие случувања предизвикаа бројни шпекулации во израелската јавност за неговата општа здравствена состојба.

Минатиот месец, Нетанјаху објави дека неодамна успешно бил подложен на радиотерапија во болницата „Хадаса“ поради малиген тумор на простата, но истакна дека не ја информирал јавноста навреме, образложувајќи дека Иран би можел да ги искористи тие информации за пропаганда во време на војна.

Тој не прецизираше кога му била поставена дијагнозата, ниту кога започнало или завршило лекувањето.

По неговата објава, беше објавен и годишниот здравствен извештај, како и дополнителен документ за дијагнозата и третманот, но извештајот содржеше само неколку општи точки и не наведуваше конкретна година на која се однесува.

Документите, исто така, не содржеа лого од болницата ниту јасна индикација дека станува збор за официјален медицински извештај.

Нетанјаху има вграден пејсмејкер од јули 2023 година, а во март 2024 година бил подложен на операција за хернија.

CATEGORIES
Share This