ПРЕВОЗНИЦИТЕ СО УЛТИМАТУМ ДО БРИСЕЛ До 1 септември чекаат решение, потоа можни протести

Околу 17.000 професионални возачи од Северна Македонија се погодени од неизвесноста околу примената на правилото 90/180 во Шенген-зоната.

ПРЕВОЗНИЦИТЕ СО УЛТИМАТУМ ДО БРИСЕЛ До 1 септември чекаат решение, потоа можни протести
Фото: Принтскрин

Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе го почекаат 1 септември, кога во Брисел е најавен состанок со претставници на Европската комисија, пред да донесат конечна одлука дали ќе организираат протести.

На денешниот состанок во Скопје, превозниците порачаа дека не сакаат повторно да протестираат, но доколку не биде најдено решение за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната, протестите ќе бидат неизбежни. Од Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ велат дека сакаат проблемот да се реши преку дијалог, но предупредуваат дека ситуацијата може да стане сериозна од септември.

„Ќе бидеме трпеливи и ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, но она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение“, изјави генералната секретарка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска.

Таа нагласи дека превозниците не сакаат да им наштетат ниту на Европската Унија, ниту на сопствените држави, но доколку бидат принудени, повторно ќе излезат на протести. Од српското здружение на превозници посочуваат дека одлуките за евентуални протести веќе се донесени во земјите од регионот, но дека нивната желба е да не дојде до нивна реализација.

„Како превозници не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува на целото општество. Но, ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе. Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи“, изјави Неџо Мандиќ.

Бараат строго почитување на правилото 90/180

Главното барање на превозниците е професионалните возачи да можат целосно да ги користат дозволените 90 дена престој во рамките на 180 дена, без различни толкувања на правилата на граничните премини. Тие не бараат промена на договорот за престој во Шенген-зоната, туку јасно и прецизно спроведување на правилото 90/180. Дополнително, бараат да биде утврден конкретен рок до кој нивниот проблем ќе биде решен.

„Ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем. Ние не сме обични граѓани кои туристички одат во државите од Шенген-зоната, туку сме професионалци кои секојдневно работат“, објасни Мандиќ.

Според него, проблемот веќе има сериозно влијание врз транспортниот сектор. Како што вели, околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат поради неизвесноста околу тоа како ќе бидат третирани на границите. Најголемиот проблем, според превозниците, е различното толкување на правилото од страна на службениците на граничните премини.

„Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност. Возачите тргнуваат на пат и знаат дека не го потрошиле дозволеното време, но кога ќе стигнат на граница, еден службеник ќе им каже едно, друг друго. Еден ќе ги пушти, друг нема“, вели Мандиќ.

Со овој проблем, според податоците изнесени од превозниците, се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од Северна Македонија, додека на ниво на Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.

Конечната одлука за следните чекори ќе зависи од исходот на состанокот во Брисел на 1 септември. Превозниците се надеваат дека дотогаш ќе биде најдено решение и дека нема да има потреба од нови блокади и протести.

CATEGORIES
Share This