ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ СВЕДОЧИ ЗА 16 МАРТ На вратата ми затропаа во 3:30 наутро, следуваа најтешките одлуки

Според него, медицинските експерти предупредиле дека сериозно повредените не смеат да се транспортираат, но воедно и дека многумина нема да преживеат доколку останат на лице место.

ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ СВЕДОЧИ ЗА 16 МАРТ На вратата ми затропаа во 3:30 наутро, следуваа најтешките одлуки

Премиерот Христијан Мицкоски го опиша 16 март како најтешкиот ден во неговиот живот, кога во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 62 млади луѓе.

Своето сведоштво премиерот го сподели за време на Самитот „Македонија 2025“, што се одржа во хотелот „Мериот“ во Скопје.

„Беше околу 3:30 часот наутро кога некој затропа на вратата од мојот дом“, изјави Мицкоски. „Пред мене стоеше припадник на обезбедувањето на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Додека спиев, не го погледнав телефонот. Кога ја видов пораката, веднаш се мобилизирав и заедно со мојот тим се упативме кон Кочани.“

Министерот Тошковски веќе бил пристигнат во градот, а Мицкоски по неговото доаѓање заминал во полициската станица. Како што изјави, најтешкиот дел започнал со носење на брзи, но пресудни одлуки.

„Тоа беа моменти кога требаше да се делува брзо, но и мудро“, истакна премиерот. „Немаме совршени односи со дел од соседите, особено со еден, и кога ќе стигне понуда за помош, мора да се размислува и за политичките и за човечките последици.“

Според него, медицинските експерти предупредиле дека сериозно повредените не смеат да се транспортираат, но воедно и дека многумина нема да преживеат доколку останат на лице место.

„Ми рекоа дека првите 72 часа се клучни. Немав време за долго размислување. За неколку секунди ја прифатив понудената помош и го презедов целиот ризик на себе“, рече Мицкоски.

Првите 50 пациенти биле веднаш транспортирани, а потоа започнала да пристигнува и поддршка од други земји.

Премиерот заврши со зборовите дека оваа трагедија засекогаш ќе остане длабоко врежана во неговото сеќавање и дека обврската на институциите е да стојат зад граѓаните токму во најтешките моменти.

CATEGORIES
TAGS
Share This