ПЕНЗИОНЕРИ, ПОДГОТВЕТЕ СЕ Во септември ќе се знае колку ќе ви пораснат пензиите
Се очекува зголемување од 3 до 3,5 отсто, а новите пензии треба да се исплатат на почетокот на октомври.

Пензионерите на почетокот на септември ќе ги добијат конечните информации за тоа колку ќе изнесува нивната пензија по најновото усогласување. Иако пресметките се во завршна фаза, точниот процент сè уште не е утврден, бидејќи се очекуваат последните податоци за економските показатели за август.
Според досегашните проценки на Министерството за социјална политика, демографија и млади, пензиите би можеле да пораснат за околу 3 до 3,5 проценти. Конечната стапка ќе биде позната по завршувањето на август, кога ќе бидат обработени сите статистички податоци потребни за пресметката.
За разлика од претходните линеарни покачувања, овојпат зголемувањето ќе се пресметува процентуално. Тоа значи дека пензионерите со повисоки примања ќе добијат и поголем номинален износ на зголемување, додека кај пониските пензии и зголемувањето во денари ќе биде помало.
Новата, усогласена септемвриска пензија се очекува да биде исплатена на почетокот на октомври. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, најави дека точните проценти и износи ќе бидат објавени веднаш по завршувањето на пресметките.
Со ова повторно се воспоставува редовниот модел на процентуално усогласување на пензиите, по периодот во кој беа применувани линеарни зголемувања.
Следното редовно законско усогласување, според најавите, треба да се спроведе во март 2027 година.
НОВО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ ОД СЕПТЕМВРИ Еве колку пари повеќе ќе легнат на сметките

