ГОРИВАТА ПОСКАПУВААТ, СЕ ОТВОРА ЛИ НОВА ВРАТА ЗА ПОСКАПУВАЊЕ ВО МАРКЕТИТЕ Дурмиши најави контроли

Министерот предупредува дека повисоките транспортни трошоци може да ги зголемат цените, но инспекторите ќе проверуваат дали трговците неоправдано ги зголемуваат маржите.

ГОРИВАТА ПОСКАПУВААТ, СЕ ОТВОРА ЛИ НОВА ВРАТА ЗА ПОСКАПУВАЊЕ ВО МАРКЕТИТЕ Дурмиши најави контроли
Фото: Принтскрин

Цените во маркетите засега се стабилни, но растот на цените на горивата може да се прелее и врз цените на прехранбените и другите производи преку зголемените транспортни трошоци. На ова предупреди министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој најави засилени контроли кај трговците.

Пазарните инспектори ќе следат дали евентуалното зголемување на цените е оправдано со повисоките трошоци или трговците дополнително ги зголемуваат своите маржи.

Дурмиши вели дека државата ќе интервенира доколку контролите покажат неоправдан раст на бруто-профитните маржи.

„Нормално дека кога ќе се зголеми цената на нафтата, тоа ќе влијае, но ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме да интервенираме ако се зголемува бруто-профитната маржа. Пак ќе направиме контроли. Сме во една светска криза, не само кај нас, но сепак во регионот сме најевтини во делот на цените“, изјави Дурмиши.

Во исто време, трговците бараат промени во Законот за нефер трговски практики. Едно од нивните барања е повторно да им се овозможи непродадената роба да ја враќаат кај добавувачите. Дурмиши најави средба со претставниците на трговците, но посочи дека пред да се размислува за промена на правилата мора да се утврди колкави загуби навистина имаат компаниите поради непродадената роба.

Бидејќи актуелните правила се усогласени со европските препораки, евентуалните измени би требало да бидат разгледани и во консултација со Европската Унија. Паралелно со тоа, со најавените измени на Законот за нефер трговски практики се предвидува и значително зголемување на казните. Во одредени случаи, санкциите би можеле да бидат и до десет пати повисоки.

Во меѓувреме, од вчера стапи во примена и мерката за поевтин училишен прибор. Трговците на големо се обврзани да ги намалат цените за најмалку 10 проценти, додека во малопродажбата намалувањето треба да изнесува најмалку 15 проценти. За трговците кои нема да ја почитуваат мерката се предвидени казни.

CATEGORIES
Share This