ПОЖАРОТ НА ХАЛКИДИКИ СТАВЕН ПОД КОНТРОЛА 481 лице спасено од плажата – меѓу евакуираните и македонски државјани
Пожарот во Сивири се приближил до куќи и туристички објекти, а 481 лице било спасено од плажата со помош на крајбрежната стража, пожарникари и приватни чамци.

Голем пожар што денеска избувна во областа Сивири и Фурка на Халкидики предизвика масовна евакуација на жители и туристи, а меѓу лицата кои побарале информации и помош има и македонски државјани.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за МИА информираат дека до дипломатско-конзуларното претставништво во Солун телефонски се обратиле македонски државјани кои се наоѓале во погодените подрачја. На нив им биле пренесени упатствата и насоките на грчките власти.
Засега нема официјални податоци колку македонски граѓани биле евакуирани. Од МНРиНТ велат дека од грчките институции сè уште немаат информации за бројот на евакуираните македонски државјани.
Пожарот најсилно го погоди туристичкото место Сивири, каде што силниот ветер го забрзал ширењето на огнот, а пламените јазици стигнале до куќи и туристички објекти. Грчките власти преку системот 112 испратиле повеќе предупредувања за евакуација.
Според последните информации, пожарот во моментов е ставен под контрола, но во областа и понатаму се спроведуваат активности за гаснење и обезбедување на теренот. Пријавена е материјална штета на куќи и објекти, како и на биолошкиот третман на подрачјето.
Особено драматична била евакуацијата по море. Од плажата Сивири биле спасени 481 лице, со помош на два брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба, три рибарски и повеќе приватни пловни објекти.
Од нив, 285 лица биле транспортирани во Сани, додека 196 се качиле на „Спидрунер Џет“, кој ги транспортира до пристаништето во Солун. Во областа останале три брода на крајбрежната стража, два брода на противпожарната служба и приватни пловни објекти.
На терен биле ангажирани повеќе од 100 пожарникари, десетици возила и противпожарни летала и хеликоптери. За време на интервенцијата биле повредени двајца пожарникари.
Во меѓувреме, хотелиерите од Халкидики и Солун понудиле бесплатни соби за лицата погодени од пожарот. Во соработка со Министерството за туризам и цивилна заштита, активирана е платформа на Грчката хотелска комора преку која се обезбедува сместување за оние на кои им е потребна помош.
Од македонското МНР апелираат до сите македонски државјани кои се наоѓаат на Халкидики внимателно да ја следат состојбата и доследно да ги почитуваат инструкциите на грчките власти.
За дополнителни информации и итна помош достапни се дежурните телефони на МНР и Конзулатот во Солун: +389 75 268 736, +30 694 526 8068 и +389 71 323 001.

