ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
За голем дел од македонската јавност, Рамковниот договор претставува пресвртница со која Македонија се оддалечи од концептот на држава изградена врз националната државност и почитувањето на малцинските права согласно меѓународните стандарди.

Политички преглед на денот, четврток 13 август 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Народот го поразува талогот од СДС, Филипче ја нападна прославата за независност, реки народ на Силно светнал ден во Велес
Талогот од СДС со лаги, подметнувања, и дезинформации се нафрлија на прославата за независност на Македонија, при што самите го оправдаа епитетот даден од народот кон СДС – талог.
Одговорот стигна од народот кој во огромно мнозинство, по Охрид Битола, вчера во Велес излезе и ја поддржа народната прослава Силно светнал ден.
Со ова поразен е и Филипче кој 7 ми ден е на одмор на јахтата на Зоран Заев во Грција од каде работи против интересите на Македонија, шират хистерии и прават неуспешни протести.
Народот се ослободува и го поразува талогот во општеството предводен од СДС. Фотографиите во продолжение го покажуваат токму тоа.
СДСМ: 25 години од Охридскиот договор: Соживот, а не поделби и омраза
По повод 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, СДСМ порача дека договорот е темел на мирот, соживотот и демократската иднина на државата. Македонија е заеднички дом на сите граѓани и дека различностите треба да бидат наша сила, а не алатка за политички поделби и ширење омраза, но денес, наместо да се негуваат вредностите на мирот, дијалогот и меѓусебното почитување, власта на Мицкоски повторно ги разгорува поделбите и создава атмосфера на страв и омраза.
„Денеска одбележуваме 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт во 2001 година и се потврди територијалниот интегритет и демократската иднина на Македонија.
Токму најголемата сила на нашата држава е во тоа што е заеднички дом на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други наши граѓани. Различностите се дел од нашето општество и наша обврска е да ги негуваме како вредност, а не да ги користиме за политички поделби.
Охридскиот рамковен договор е потсетник дека мирот, дијалогот и компромисот се секогаш посилни од конфликтот, поделбите и омразата. По 25 години, сите имаме должност да ја градиме иднината на Македонија низ соживот, еднаквост и меѓусебно почитување – а не со поделби, навреди и омраза.
Но токму во овие денови го гледаме спротивното. Криминалната група ВМРО и Мицкоски ја водат класичната кампања на Ванчо Михајлов – кампања за ширење омраза и поделби. Народот го нарекуваат „талог“.
Ги делат граѓаните. Создаваат непријател. Сеат страв. Додека зборуваат за мир и соживот, во пракса прават сè за да го уништат. Македонија заслужува да биде просперитетна, интегрирана држава – дел од Европа, каде секој граѓанин ќе се чувствува сигурен во сопствената земја. Не со поделби. Не со омраза. Не со етикети како „талог“. Со вистина, со правда и со достоинство“.
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: 13 август е тажен ден кој Македонија не го слави – Што навистина има да се слави?
13 август 2001 година е тажен ден за Македонија и останува еден од најтешките и најконтроверзните датуми во поновата македонска историја. На овој ден беше потпишан Охридскиот рамковен договор, документ кој суштински го промени политичкиот и уставниот концепт на државата.
Од тој момент, Македонија започна да се гради врз концепт на заедници наместо врз концептот на национална држава со еднакви права и обврски за сите граѓани. Притоа, Македонците останаа единствениот народ во државата кој нема своја матична национална држава.
Иако на Рамковниот договор често му се припишува историско значење, начинот на кој се одбележува неговата годишнина покажува дека тој не е ден кој кај македонскиот народ се доживува како повод за прослава. На 13 август нема масовни народни чествувања, нема радост и нема чувство на национална гордост. Наместо тоа, остануваат поделбите, прашањата и горчината за последиците од договорот.
Затоа оправдано се поставува прашањето: што навистина има да се слави?
За голем дел од македонската јавност, Рамковниот договор претставува пресвртница со која Македонија се оддалечи од концептот на држава изградена врз националната државност и почитувањето на малцинските права согласно меѓународните стандарди.
Неговите последици и денес се присутни во политичкиот и општествениот живот, а за македонската национална свест тој останува длабока историска траума.
Затоа, сите патриотски и државотворни сили треба да се залагаат за преиспитување на последиците од Рамковниот договор и за враќање на Македонија кон изворните илинденски и асномски принципи – принципи на суверена, самостојна и државотворна Македонија.
Единствена Македонија останува јасна и недвосмислена: во политиката сме за да се спротивставиме на сите договори и решенија кои ги сметаме за штетни за македонскиот народ и македонската држава.
Македонија е нашата татковина и нашиот дом. А за сопствениот дом се бориме, го чуваме и го браниме. Така ќе се бориме и за македонскиот народ, за државата и за нејзината иднина.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

