ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ – Денес се презентираат најчувствителните докази
Постапката влегува во клучна фаза по завршените искази на сведоците и преживеаните.

Судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, продолжува денеска во импровизирана судница во затворот „Идризово“, со влегување во една од најклучните фази од постапката.
Фокусот на рочиштето е насочен кон изведување материјални докази од страна на Обвинителството, при што започнува презентацијата на наодите од обдукциите на жртвите, доказен материјал што треба да даде јасна слика за причините за смртта.
Обвинителскиот тим, составен од 15 обвинители, најавува дека по завршувањето на сведочењата и вербалните докази, следуваат медицинските вештачења кои ќе имаат клучна улога во утврдувањето на фактите. Се очекува пред судот да сведочи и главниот судски вештак, кој ќе треба да одговори на бројните прашања што се отворија во јавноста по трагедијата од 16 март 2025 година.
Од Обвинителството посочуваат дека, поради чувствителноста на доказите, можно е дел од постапката да се одвива без присуство на јавноста, со цел да се зачува достоинството на жртвите и нивните семејства.
