Повикот од дивината од денешна перспектива на реформата на високото образование

Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, Јаневска и партијата јавно ги критикуваа состојбите на Универзитетот „Мајка Тереза“, а денес министерката присуствуваше на доделувањето дипломи.

Повикот од дивината од денешна перспектива на реформата на високото образование
Фото: Национал

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, в
иш просветен инспектор во пензија
Понеделник, 13 јули 2026 година.

Деновиве од македонскиот Ерусалим јавно беше обзнанет тајниот план на Министерството за образование и наука за идните чекори во однос на високообразовните установи во Македонија, односно на приватните високообразовни установи. Решеноста да се прикаже реформа преку јавно жигосување и јавни пофалби за затворени институти (кои практично и не функционираа во најголем дел!) и идно затворање на приватни универзитети не е ништo друго освен поигрување со интелегинцијата на македонскиот народ. Реформата конечно е претворена во офанзива кон приватните високообразовни установи и нивно заплашување, силни инспекциски притисоци, јавен линч, газење на презупцијата на невиност и основното човеково достоинство.

Да, тоа со највисок тон Министерката за образование и наука го објави, полна со себе и со својата злонамерност со која предизвикува вознемиреност кај македонската интелигенција. Затоа, јавно ќе ја прашам по незнам кој пат оваа госпожа: Дали конечно јавно ќе признае со колку наставен кадар согласно Законот за високото образование располага Универзитетот „Свети Апостол Павле“ во Охрид (УИНТ)? Зошто, министерката и нејзиниот тим на „стратешко“ ниво: државната секретарка Елена Ивановска, државниот советник Борчо  Алексов и уште некој од нејзината свита, се прават наудрени и не одговаат како е можно да функционира универзитет со 17 професори (доколку во меѓувреме не е зголемен бројот?).

Дали министерката го има прочитано записникот од извршениот надзор минатата година од Државниот просветен инспекторат за состојбата со наставен кадар во сите универзитети во државата? Од моја страна лично беше информирана преку колумни и претставки за сомнежите за незаконско работење на овој универзитет (УИНТ-Охрид)  согласно ЗВО во однос на бројот на вработени. Но, од нивна страна добив молк.

И уште пострашно, актуелниот ректор на УИНТ-Охрид, Иван Бимбилоски (пред Основното јавно обвинителство Охрид е оформен предметот КО.бр.661/25 против Иван Бимбилоски, ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид за кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 ст1 од КЗ , со отворен  јавен допис е известен и ЈОРМ, Ненад Савески,тој е на потег) се јави како дел од телото за реформа на високото образование на чие чело е токму министерката Весна Јаневска и тоа со нејзин потпис назначена.  Ве молам во кој свет живееме? Каков е овој мајтап? Наместо да се стави ред во сопствениот двор, во државните универзитети кои цицаат од државниот буџет посилен доказ за дискриминаторскиот пристап на МОН и неговиот врв нема.

Пред извесно време, министерката која порано беше пензионирана од Медицинскиот факултет во Скопје, присуствуваше на доделување на дипломи на студенти од Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Се сеќавам кога бевме во опозиција и кога порано пензионираната министерка Јаневска, беше претседателка на Комисијата за образование во рамките на партијата, редовно пишував колумни и имав бројни гостувања на ТВ за нерегуларностите на овој универзитет.

Наместо, да го стави на агендата и да испрати експерти за евалуација од странски држави на овој универзитет, екс пензионерката, а сега во улога на министерка, Весна Јаневска, таа присуствува на свеченост на овој универзитет. Дали со ова нејзино однесување таа е свесна дека му дава легитимитет на  овој универзитет, наспроти бројните незаконитости од избори во звања до ангажаман на наставен кадар со несоодветни научни области?

Каде да продолжам…Секако со Институтот за мировни студии, Филозофскиот факултет во Скопје. На толку нерегуларности утврдени со записници од државниот просветен инспекторат, екс пензионерката, а сега министерка не праќа експерти за надворешна евалуација. Што чека?

Министерке, дали имате регистар за државните универзитети, на кој факултет или институт колку вработени има, колку студенти имаат запишано и дали е економски исплатливо нивното постоење? Како воопшто овие државни високообразовни установи имаат доволен број на вработени за да добијат акредитација и решение за почеток со работа. Министерке, зафатете се прво со оваа активност, имајте табеларен преглед, направете анализа и од тој момент почнете да размислувате за реформа. Не со закани, не со јавен линч и негативни истражни пофалби.

Претстојат избори, па се прашувам, уште што треба да направи и да објави оваа министерка за да придонесе да се намали бројот на гласачи за владејачката партија. Дали некој размислува за ова?

Секој заканувачки збор придонесува до негативен резултат. Поврзано со овие изјави и фалби колку институти се затворени дали некој размислува дека многу вработени остануваат без работа? Дали ова не води кон иритиација на гласачкото тело и опасност од враќање на доброто со добро, а на лошото со лошо!

Еве, ќе продолжам со новиот Закон за високото образование кој ги избриша од листата на наставен кадар насловните доценти и насловните вонредни професори. Дали министерке работната група на која упорно се повикувате има воопшто направено анализа за бројката на насловни професори на државните универзитети? Еве на пример на Штипскиот универзитет околу 40% од професорите се насловни. Тие луѓе докторирале, работеле и со години го пренесуваат своето знаење. Тоа е вистинско поврзување на теоријата со практиката. Но, вие го бришете. Да, ќе останат и луѓе без работа. Без егзистенција. На тоа вие впрочем изгледа се гордеете. Тоа изгледа ви е храна витаминска. Но, доаѓаат избори. Предизвикувате огромно незадоволство. Вие можеби ќе се вратите во пензионерските води и ќе си пливате, но што ќе оставите зад себе. Грамада од незадоволство, од разочарување и од бес. Алал да ви е!Времето ќе покаже! Сигурно ќе покаже!

 

CATEGORIES
Share This