ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, понеделник, 13 јули 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, понеделник 13 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: СДС, Левица и ДУИ бараат изговори за да го блокираат Изборниот законик, тие не се за реформи туку за политичка блокада

СДС, Левица и ДУИ уште еднаш покажаа дека не сакаат нов Изборен законик, туку политичка блокада. Иако со месеци учествуваа во разговорите и усогласувањето на текстот, во моментот кога требаше да се постигне договор, се повлекоа и го урнаа целиот процес.

Венко Филипче после 4 месеци преговори во Собранието за Изборниот законик најде нов изговор и се сети дека му се потребни експерти. Блокадата на Изборниот законик е заеднички проект на СДС, Левица и ДУИ, трите партии си подготвуваат алиби поради стравот од избори и пораз.

ВМРО-ДПМНЕ останува подготвена веднаш да прифати договор меѓу опозициските партии, доколку тоа овозможи конечно да се олесни гласањето на дијаспората. Одговорноста ако Македонија продолжи со стариот Изборен законик е целосно на СДС, Левица и ДУИ.

СДСМ: Ако ВМРО е толку силна, зошто инсистира на кражба на гласовите од дијаспората?

ВМРО-ОКГ обвинува дека опозицијата се повлекува од преговорите за Изборниот законик затоа што се плаши од избори и пораз. Но оваа теза е нелогична и лесно разоткриена. Ако ВМРО-ОКГ и Мицкоски се толку силни како што тврдат, зошто толку инсистираат на закон кој овозможува неконтролирана кражба на гласовите од дијаспората?

Ако се толку убедени во својата победа, зошто им е потребна изборна манипулација? Фактите се јасни: ВМРО изгуби над 150.000 гласови на последните избори. Рејтингот на Мицкоски е на историски минимум поради секојдневните лаги и неисполнети ветувања. Ако навистина беа толку силни, немаше да се фаќаат за вакви методи.

Единствените кои се плашат од пораз на изборите се токму ВМРО и Мицкоски. Тоа не е страв само од опозицијата,  тоа е страв од одговорност пред законот. Страв од тоа што ќе се случи кога ќе треба да одговараат за криминалните тендери, за кражбата на парите на граѓаните и за систематската корупција. Затоа и се брза со предвремени избори. Падот на рејтингот и загубата на стотици илјади гласови го притискаат Мицкоски да ги распише што поскоро.

Веќе ниту пропагандата, ниту 40 отсто од орбановите медиуми не можат да ги сокријат неуспесите на оваа влада на сите полиња,  економскиот колапс и празниот буџет се видливи за секој граѓанин. Овие „големи патриоти“ со бугарски државјанства, европски пасоши и фирми во Бугарија, сега се загрижени за сопствената судбина. Не за иднината на Македонија, туку за сопствената одговорност.

Затоа сакаат да ги наместат следните избори – за да ја одложат правдата што неизбежно доаѓа. Народот не е наивен. Лаги, манипулации и изборни кражби повеќе не поминуваат. Народот ќе победи. Европска Македонија ќе победи.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Пред народот кавга, зад сцената договор – Единствена Македонија прашува колку милиони евра ќе поделат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ

Единствена Македонија повикува на прекин на, како што оценуваат, режираната политичка претстава меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ во врска со измените на Изборниот законик.

Јавноста има право да знае што е договорено меѓу овие политички партии и како ќе се одразат измените врз сите учесници во изборниот процес. Затоа бараме одговори на клучни прашања:

Јавно да се објави договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ за распределба на милиони евра од државниот буџет преку ставката за државно финансирање на изборните кампањи за вонредните парламентарни избори во пролетта 2027 година?

По кој Устав и по кој закон овие партии си даваат право самостојно да ги утврдуваат изборните правила кои треба да важат за сите политички субјекти во државата?

Зошто со предложените решенија практично, се укинуваат вонпарламентарните партии и се исклучуваат од државното финансирање, иако станува збор за средства од буџетот на сите граѓани? Сметаме дека за јавни средства мора да важи принципот: или финансирање за сите или за никој.

Граѓаните секојдневно сведочат на меѓусебни политички пресметки и јавни несогласувања, но кога станува збор за прашања поврзани со распределба на буџетски средства и изборни привилегии, очекуваме целосна транспарентност и одговорност.

Единствена Македонија смета дека изборните правила не смеат да бидат резултат на договори меѓу неколку партии, туку мора да бидат донесени во интерес на демократијата, еднаквата политичка конкуренција и правото на граѓаните да имаат фер изборен процес.

Одговорите на овие прашања не ги должат само на Единствена Македонија, туку и на целата македонска јавност.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
Share This