ПОВЕЌЕ НЕМА ДОЛГИ ЧЕКАЊА Собранието усвои закон што носи електронски рочишта и побрзи судски постапки
Со 81 глас „за“ Собранието го усвои новиот Закон за парнична постапка, кој предвидува електронски рочишта, дигитална достава на судски писмена и мерки за побрзи и поефикасни судски постапки.

Собранието со 81 глас „за“, девет „против“ и без воздржани го усвои новиот Закон за парнична постапка, кој според Министерството за правда претставува еден од клучните реформски чекори за унапредување на правосудниот систем и негово усогласување со современите европски стандарди.
Од Министерството посочуваат дека новите законски решенија имаат цел да обезбедат побрзи, поефикасни и поквалитетни судски постапки, како и поголема правна сигурност и подобра заштита на правата на граѓаните и правните лица.
Законот предвидува зајакнување на улогата на судот при утврдувањето на фактичката состојба, воведување современи дигитални алатки во работата на судовите и поедноставување на постапките, особено кај споровите од помала вредност.
Меѓу најзначајните новини се можноста за електронска достава на судски писмена и одржување рочишта преку електронски средства, со што се очекува да се намалат трошоците и да се скрати времетраењето на судските постапки.
Законот воведува и претставнички тужби за заштита на колективните интереси и права, со што се проширува пристапот до правда и се создаваат нови механизми за правна заштита на граѓаните.
Дополнително, предвидени се поправедни и попропорционални санкции во текот на постапките, а законските решенија се усогласени со останатите системски прописи со цел да се обезбеди покохерентен, пофункционален и попредвидлив правен систем.
Од Министерството за правда нагласуваат дека усвојувањето на Законот е дел од реформската агенда насочена кон создавање поефикасно судство, зајакнување на владеењето на правото и зголемување на довербата на граѓаните во институциите.
СЕ ПОДГОТВУВА ПРЕСВРТ ВО ПАРНИЧНАТА ПОСТАПКА Менуваат закон што ги засега сите граѓани


