ПАРТИИТЕ ШТО НАЈМНОГУ СЕ КАРААТ ВО ЈАВНОСТА – ТОКМУ ТИЕ ДОБИВААТ НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА КАМПАЊАТА а вонпарламентарните де факто се укинуваат

Од партијата бараат укинување на државното финансирање или еднаков третман за сите учесници на изборите.

ПАРТИИТЕ ШТО НАЈМНОГУ СЕ КАРААТ ВО ЈАВНОСТА – ТОКМУ ТИЕ ДОБИВААТ НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА КАМПАЊАТА а вонпарламентарните де факто се укинуваат
Фото: Единствена Македонија

Единствена Македонија реагира на, како што наведува, манипулациите во јавноста поврзани со предложените измени на Изборниот законик, особено во делот на државното финансирање за време на изборните кампањи.

Од партијата тврдат дека токму политичките субјекти кои јавно се расправаат околу законските измени, во суштина ќе бидат и најголеми добитници од буџетските средства.

Со најавените измени за дваесетдневната кампања, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН би добиле по околу 800.000 евра, Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра, додека останатите парламентарни партии без пратеничка група би добиле околу 200.000 евра.

Од Единствена Македонија посочуваат дека најголема штета од предложените измени ќе претрпат вонпарламентарните партии, кои би добивале симболични средства од околу 700 евра за финансирање на изборната кампања. Според нив, со ваквото решение вонпарламентарните партии де факто се укинуваат бидејќи се ставаат во иста категорија со независните листи, иако, како што велат, согласно уставот и законот станува збор за сосема различни учесници во изборниот процес.

Партијата оценува дека државното финансирање треба да биде еднакво за сите учесници на изборите или целосно да се укине.

„Единствена Македонија го реафирмира својот став од 2022 година за укинување на државното финансирање на партиите. Во Собранието имаме подготвени амандмани, потребен е само храбар пратеник како овластен предлагач да ги стави на дневен ред“, наведуваат од партијата.

Од таму додаваат дека јавните политички расправи за ова прашање се, како што велат, само привид, додека вистинските добитници на буџетските средства се токму партиите кои учествуваат во договорите околу законските измени.

CATEGORIES
Share This