ПОГРЕШНО МЕ РАЗБРАВТЕ ЗА ДЕЛЧЕВ – Земон се извинува по жестоките реакции
Земон тврди дека неговите зборови биле погрешно интерпретирани и дека не ја омаловажувал улогата на Делчев.

По бурните реакции во јавноста за изјавата на поранешниот пратеник и лидер на ПОЕН, а сегашен член на Централниот одбор на СДСМ, Рубин Земон дека Гоце Делчев бил „мит“ и дека „ништо не направил за Македонија“, тој се огласи на социјалните мрежи со појаснување и извинување, наведувајќи дека неговите зборови биле погрешно интерпретирани.
Земон истакна дека немал намера да го намали значењето на Делчев, туку сакал да укаже на тоа дека во македонската колективна меморија се недоволно застапени и други историски личности, како Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков.
„Бидејќи гледам дека целата работа денес доби други димензии, сакам да појаснам дека во никој случај не сум помислил, ниту сум направил нешто со цел да ја намалам вредноста, значењето и големината на великанот Гоце Делчев за македонската историја и неговата улога. Она за што зборував се однесуваше на тоа дека во нашата колективна меморија се запоставени Чуповски и Мисирков и дека и тие треба да бидат поставени на пиедесталот, особено за развојот на македонскиот идентитет. Тоа беше поентата на мојата дискусија. Во никој случај немав намера да кажам нешто против Гоце Делчев, кој е на пиедесталот на македонската историја. Се извинувам на сите доколку нешто поинаку беше разбрано или протолкувано“, напиша Земон.
Тој додаде и дека лицата кои, како што наведе, шират говор на омраза ќе се соочат со законските последици, а им се заблагодари на сите кои му дале поддршка и го контактирале во текот на денот.
