ДЕТАЛИ ШТО ШОКИРААТ – Ветување за лек во странство, но завршница со смрт и измама за 88.000 евра
Уапсен 44-годишен Прилепчанец на Табановце, осомничен за измама на лице од Валандово

Полициски службеници вчера на граничниот премин Табановце го привеле 44-годишниот Б.К. од Прилеп, кој се сомничи за кривично дело „измама“.
Од МВР информираат дека акцијата е спроведена по претходно добиени оперативни сознанија, во координација на Одделот за криминалистичка полиција со СВР Струмица и ОВР Валандово, со цел целосно расчистување на случајот.
Според истрагата, во периодот од јули до ноември 2025 година, осомничениот наводно довел во заблуда лице од Валандово, тврдејќи дека ќе посредува за организирање лекување во странство на неговата сопруга.
Жртвата во неколку наврати уплатила вкупно околу 88.300 евра (5.549.200 денари), додека во меѓувреме сопругата починала.
По приведувањето, лицето било изведено пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гевгелија, каде му е одредена мерка за претпазливост.
