ПО ИЗБОРНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ВО СРБИЈА, СЕ ОГЛАСИЈА И ПОРАЗЕНИТЕ Еве што порачаа Вучевиќ, Дачиќ, Јовановиќ
Студентската листа освои 52,54 отсто од гласовите, а политичките противници ги признаваат резултатите и ги најавуваат следните чекори.

Студентската листа освои 52,54 проценти од гласовите на предвремените парламентарни избори во Србија, додека листата „Александар Вучиќ – Единствена Србија“ доби 39,29 проценти, покажуваат резултатите што ги објави Републичката изборна комисија врз основа на обработени 8.077 избирачки места.
Според објавените податоци, Студентската листа освоила 2.211.400 гласови, наспроти 1.653.868 гласови за листата предводена од Александар Вучиќ. Листата „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилност“ добила 91.673 гласови, односно 2,18 проценти.
Претседателот на Српската напредна партија, Милош Вучевиќ, изјави дека партијата ја почитува изборната волја на граѓаните, но изрази загриженост за тоа како ќе се одвива управувањето со земјата по победата на Студентската листа.
„Ќе видите за шест месеци какви измами и лаги беа тие и каква ќе биде нивната политика. Имаме проблем со тоа што ќе се случи со Србија, но ја почитуваме волјата на народот“, рече Вучевиќ.
Тој ја оцени конференцијата на Александар Вучиќ, на која беше признаен изборниот пораз, како камен-темелник на демократијата. Вучевиќ додаде дека изборната ноќ била тешка, но изрази гордост поради големата излезност на граѓаните.
И лидерот на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, призна дека неговата коалиција не го постигнала посакуваниот изборен резултат. Тој оцени дека изборите се одвивале во атмосфера слична на референдум, во која СПС се обидела да го зачува сопствениот политички идентитет со посебна листа. Дачиќ им се заблагодари на партиските активисти, коалициските партнери и гласачите, најавувајќи дека партијата ќе продолжи со политичката борба.
Надвор од новиот состав на Народното собрание останува и листата „Автентична десница“, предводена од Милош Јовановиќ, која, според досега обработените резултати, освоила 1,5 проценти од гласовите. Јовановиќ ѝ честиташе на Студентската листа за победата и на граѓаните за големата излезност, оценувајќи дека победниците најверојатно ќе ја преземат одговорноста за водење на земјата.
Студентската листа освои 52,54 отсто од гласовите, а политичките противници ги признаваат резултатите и ги најавуваат следните чекори. Резултатите укажуваат на убедлива предност на Студентската листа пред досегашната владејачка политичка опција, додека останатите листи забележале значително послаб резултат.

