ПЛОШТАДОТ ЗАНЕМЕ, А ПОТОА ЕКСПЛОДИРА ВО ОВАЦИИ Карерас и македонските музички ѕвезди

Десетици илјади граѓани пееја со македонските музички ѕвезди и светскиот тенор Хозе Карерас, а концертот кулминираше со „Едно име имаме“

ПЛОШТАДОТ ЗАНЕМЕ, А ПОТОА ЕКСПЛОДИРА ВО ОВАЦИИ Карерас и македонските музички ѕвезди
Фото: Принтскрин

Плоштадот „Македонија“ синоќа беше исполнет со десетици илјади граѓани кои присуствуваа на големиот концерт по повод 35 години од независноста на Македонија. Пред многубројната публика настапи светската оперска легенда Хозе Карерас, заедно со Македонската филхармонија и дел од најпознатите македонски музички имиња.

Особено емотивен момент на вечерта беше настапот на Маја Оџаклиевска, која по подолго време повторно пееше пред скопската публика. Таа ги изведе „Не допирај ме“, „Многу солзи“ и „Македонско девојче“, а по овациите од публиката не успеа да ги сокрие солзите.

„Привилегија е што сум дома. Ви благодарам многу“, рече Оџаклиевска, видно потресена од реакцијата на публиката.

На сцената настапија и Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Ана и Игор Дурловски и Дешира Амети-Крлиу. Тие изведоа свои познати песни, но и македонски народни композиции, во придружба на Македонската филхармонија. Со оркестарот диригираше маестро Сашо Татарчевски, додека новите оркестрации ги подготви Никола Мицевски.

Карерас, кој има 79 години, настапи под диригентската палка на Давид Хименез, со кого шпанскиот тенор соработува долги години. Неговото гостување во Скопје беше и своевидно враќање по 21 година, откако во 2005 година одржа концерт на отворањето на „Охридско лето“, кога по настапот шестпати беше враќан на бис.

Пред неговиот синоќешен настап беше прикажано интервју со Карерас снимено во Охрид во 2005 година за Македонската телевизија.

Посебна атмосфера донесоа и настапите на Карерас со македонските пејачки. Каролина Гочева ја изведе „Ако згрешам“ од Пепи Бафтировски, како и својот хит „Од нас зависи“, по што заедно со Карерас настапи во дует.

„Само со љубов, оваа наша мила земја може да биде рај“, порача Каролина.

Калиопи, пак, го спомена Гоце Николовски и порача дека неговото музичко наследство не треба да се заборави. Таа ја испеа „Бисер балкански“, а при изведбата на „Месечина“ публиката со своите телефони создаде вистинско „ѕвездено небо“.

Кулминација на вечерта беше моментот кога Карерас и Калиопи заедно ја изведоа „Moon River“. Нивниот настап беше проследен со долг аплауз и овации.

Финалето беше резервирано за заедничката изведба на „Едно име имаме“ од легендарниот Јонче Христовски. На сцената заедно со Карерас излегоа сите учесници на концертот, а во пеењето се приклучи и публиката, претворајќи го плоштадот во огромна заедничка сцена.

Концертот беше дел од програмата за одбележување на 35 години од независноста на Македонија, која ја реализира „Авалон-продукција“ во соработка со Владата.

Прославата продолжува и вечерва. Од 20 часот на платото пред Т-Арената „Борис Трајковски“ ќе се одржи концертот „Најдоброто од Македонија“, на кој ќе настапат Слаткаристика, „Суперхикс“, „2 Бона“, „Фанк Шуи“ и Дина Јашари. Влезот е бесплатен.

На 4 септември, исто така од 20 часот, на Плоштад „Македонија“ ќе се одржи музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“. Со него завршува караванот кој од 9 август помина низ 11 градови во земјава. Во програмата ќе учествуваат повеќе од 120 артисти, а преку музика, глума и танц ќе бидат прикажани најзначајните моменти од 35-годишната историја на независна Македонија.

Големото финале на прославата ќе биде на 8 септември, Денот на независноста, со настапот на светски познатиот диџеј и продуцент Дејвид Гета на Националната арена „Тоше Проески“. Тој ќе го претстави спектаклот „The Monolith Stadium Show“.

Владата досега не објави колку ќе чини целокупната прослава за 35 години независност.

Синоќешниот концерт, сепак, испрати силна музичка порака – на едно место се споија генерации македонски уметници, светска музичка ѕвезда и публика од целата земја, во вечер исполнета со музика, емоции и заедничко одбележување на јубилејот.

CATEGORIES
Share This