ПОЧИНА ИВАН ГУДЕЉ Легендарниот фудбалер на Хајдук

Гудељ одигра 362 натпревари за сплитскиот клуб и постигна 93 гола.

ПОЧИНА ИВАН ГУДЕЉ Легендарниот фудбалер на Хајдук
Фото: Принтскрин

Тажна вест го потресе фудбалскиот свет во Хрватска и регионот. На 67-годишна возраст во Загреб почина Иван Гудељ легендарниот фудбалер на Хајдук, југословенски репрезентативец, тренер и долгогодишен инструктор на Хрватскиот фудбалски сојуз.

Гудељ беше роден во Имотски на 21 април 1960 година. Фудбалот го започна во Мрачај од Руновиќи, а потоа пристигна во Хајдук, каде што израсна во еден од најомилените фудбалери на генерацијата која остави значајна трага и на европската сцена.

Неговата кариера, сепак, беше прекината во моментите кога се наоѓаше на врвот. Имаше слава, пари и големи понуди пред себе, а најголемата можност беше Реал Мадрид. Поради тогашните правила на Фудбалскиот сојуз на Југославија, според кои играчите не можеа да заминат во странство пред да наполнат 28 години, Гудељ требаше да го дочека својот роденден и да потпише договор кој ќе му обезбедеше финансиска сигурност до крајот на животот.

Но, наместо остварување на сонот, следуваше трагичен пресврт.

На 13 септември 1986 година, во натпреварот против Црвена звезда на „Пољуд“, Гудељ во 74. минута се струполи на теренот. Никој тогаш не можеше да претпостави дека тоа ќе бидат неговите последни минути како професионален фудбалер.

Набрзо му беше дијагностициран хепатитис. Двапати прерано се обиде да се врати на тренинзите, што дополнително го загрози неговото здравје. На крајот, беше принуден да ја заврши играчката кариера и да тргне по друг пат,  во тренерските и едукативните води.

За Хајдук одигра 362 натпревари и постигна 93 гола. Со сплитскиот клуб освои една шампионска титула и два Купа, додека за репрезентацијата на Југославија настапи 33 пати и постигна три гола.

Како тренер ги водеше Хајдук и Задар, но најголемиот дел од својата професионална енергија го посвети на младите фудбалери. Долги години работеше со младинските репрезентативни селекции на Хрватска, а низ неговите раце поминаа бројни подоцнежни репрезентативци.

До неодамна беше инструктор на Хрватскиот фудбалски сојуз за далматинскиот регион. И покрај тешкотиите со кои самиот се соочил, Гудељ активно учествуваше во хуманитарни акции и особено се залагаше за подигнување на свеста кај младите за опасностите и последиците од хепатитисот.

Последните месеци повторно му донесоа тешка животна битка. Му беше дијагностицирана малигна болест, а пред неколку дена беше опериран во болницата „Дубрава“ во Загреб. И покрај напорите на лекарите, болеста напредувала и неговиот живот не можел да биде спасен.

Иван Гудељ ќе остане запаметен како врвен фудбалер, човек кој можеше да направи голема европска кариера, но и како тренер, педагог и борец кој своето искуство го претвори во помош за другите.

Беше голем фудбалер, но пред сè беше голем човек.

CATEGORIES
Share This