НАФТАТА ПОВТОРНО ПОСКАПУВА Блискиот Исток на раб на нова ескалација

Американските напади врз Иран и одговорот на Техеран ги разгореа стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со нафта. „Брент“ се искачи над 95 долари за барел, а вниманието е насочено кон Ормутскиот теснец.

НАФТАТА ПОВТОРНО ПОСКАПУВА Блискиот Исток на раб на нова ескалација
Фото: Принтскрин

Цените на нафтата во средата продолжија да растат, поттикнати од зголемените тензии на Блискиот Исток по новата рунда американски напади врз Иран и одговорот на Техеран со напади врз сојузниците на Вашингтон во регионот. Инвеститорите стравуваат дека дополнителната ескалација може да предизвика нови нарушувања во снабдувањето со нафта.

Фјучерсите на северноморската нафта „Брент“ пораснаа за 0,81 отсто, достигнувајќи 95,42 долари за барел, додека американскиот „Вест Тексас Интермедиет“ (WTI) поскапе за 0,45 отсто, на 90,63 долари за барел.

Растот на цените следува откако во вторникот двата главни нафтени репери поскапеа за повеќе од четири долари за барел, достигнувајќи највисоки нивоа во последните неколку недели.

Американската Централна команда соопшти дека најновите напади врз Иран биле изведени по, како што тврди Вашингтон, неодамнешните обиди на Иранската револуционерна гарда (ИРГК) да нападне комерцијален брод во Ормутскиот теснец и американски војници распоредени во регионот.

Дополнителна загриженост на пазарите предизвикаа и инцидентите со танкери во Ормутскиот теснец, клучната рута за глобалниот транспорт на нафта. САД соопштија дека преку теснецот во понеделникот биле транспортирани околу 17 милиони барели нафта, но безбедноста на поморскиот сообраќај и натаму останува неизвесна.

Новата ескалација ги зголемува стравувањата од дополнително ограничување на испораките и отвора можност цената на „Брент“ повторно да го надмине прагот од 100 долари за барел доколку дојде до посериозно нарушување на транспортот низ Ормутскиот теснец.

CATEGORIES
Share This