173 ЗАЛОВЕНИ, 42 ВДОМЕНИ Еве колку бездомни кучиња третирала „Лајка“ во Скопје во октомври
Дополнително, 16 кучиња биле донесени од граѓани за да бидат вклучени во програмата за хуман третман.

Јавното претпријатие „Лајка“ во текот на октомври заловило 173 бездомни кучиња низ Скопје, од кои 144 биле стерилизирани или кастрирани. Во истиот период, 42 кучиња биле вдомени, додека 90 биле вратени на локациите од кои претходно биле заловени.
Овие податоци се дел од месечниот билтен на претпријатието, во кој се сумирани активностите на теренските тимови и резултатите од спроведувањето на програмата за хуман третман на бездомните кучиња.
Најголем број теренски интервенции биле реализирани во општина Гази Баба, каде што биле заловени и третирани 57 кучиња. Во Кисела Вода биле опфатени 27, во Бутел 24, а во Аеродром 22 кучиња. Во останатите општини бројките се следни:
- Ѓорче Петров – 14 кучиња;
- Карпош – 10 кучиња;
- Чаир – 10 кучиња;
- Центар – 8 кучиња;
- Шуто Оризари – 1 куче.
Во текот на месецот, ЈП „Лајка“ продолжило со стратешко заловување во општините Гази Баба, Бутел и Чаир. Активностите се спроведувале според однапред утврден распоред, паралелно со постапувањето по пријавите на граѓаните. Според билтенот, во октомври биле евидентирани пријави од граѓани од сите општини, а најголем број пријави имало во Аеродром – 15, Гази Баба – 14 и Центар – 13.
Во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ во текот на октомври граѓаните донеле 16 кучиња за да бидат вклучени во програмата за хуман третман. Од претпријатието ги повикуваат граѓаните кои се грижат за бездомни кучиња, а кои сè уште не се третирани и микрочипирани, да ги контактираат за нивно вклучување во програмата.
Секое заловено куче поминува низ ветеринарен преглед и соодветен третман, стерилизација или кастрација, вакцинација против беснило, микрочипирање и идентификација.

