ПАДНАА ПОВЕЌЕ ЗАКОНИ ВО ЕДЕН ДЕН Еве што сè изгласа Собранието

Пратениците усвоија повеќе законски измени по скратена постапка, а следна на дневен ред е расправата за измените на Изборниот законик.

ПАДНАА ПОВЕЌЕ ЗАКОНИ ВО ЕДЕН ДЕН Еве што сè изгласа Собранието
Фото: Принтскрин

Собранието денеска усвои повеќе законски измени по скратена постапка, додека на дневен ред остануваат и измените и дополнувањата на Изборниот законик, кои ќе се разгледуваат во рамки на 110. пленарна седница.

Во текот на денот пратениците одржаа продолженија на три пленарни седници, при што ги изгласаа измените на Законот за работно ангажирање на лица, Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување.

На 105. седница, со 59 гласа „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“, беа усвоени измените на Законот за царинската тарифа и Законот за ревизија. Пратениците ги одобрија и финансиските извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2025 година.

На 106. седница, исто така со 59 гласа „за“, беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работно ангажирање на лица, додека измените на Законот за Советот на јавните обвинители добија поддршка од 59 пратеници, а 18 гласаа против.

Собранието го усвои и Законот за финансиски лизинг со 59 гласа „за“. На 108. седница, пак, измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување беа изгласани со 58 гласа „за“ и шест „против“.

Образложувајќи ги измените, министерот за здравство Азир Алиу истакна дека трансплантацијата претставува повеќе од медицинска процедура.

Трансплантацијата не е само медицинска постапка, туку е живот, надеж и можност еден човек и по неговата смрт да продолжи да живее преку животот на некој друг“, порача Алиу.

Тој најави и воведување лична изјава за дарување органи по смртта, со што, како што рече, граѓаните самите ќе можат да ја изразат својата волја, наместо државата да претпоставува согласност.

Во расправата, пратеникот Илир Хасани од ДУИ оцени дека законот е важен и заслужува поддршка, но изрази резерви во однос на решението за евиденцијата на потенцијалните донори, поради што најави дека во предложената форма нема да го поддржи.

По завршувањето на гласањата, Собранието продолжи со работа на 110. седница, на чиј дневен ред се новите измени и дополнувања на Изборниот законик. Предлог-законот се носи по скратена постапка и е дел од реформската агенда на државата.

CATEGORIES
Share This