КРАЈ ЗА ЕВТИНОТО ОНЛАЈН ШОПИНГ – ЕУ подготвува такса што ќе ги изненади купувачите
Дневно во ЕУ пристигнуваат околу 12 милиони мали пакети.

Купувањето евтини производи од платформи како Temu, Shein и AliExpress би можело значително да поскапи, откако Европската комисија најави воведување нови правила за малите пратки што пристигнуваат од земји надвор од Европската Унија, особено од Кина.
Според најавениот план, од 1 јули 2026 година би се вовела посебна такса за пратки со вредност под 150 евра, кои досега во многу случаи пристигнуваа без дополнителни дополнителни трошоци. Се предвидува фиксна давачка од околу три евра по пакет, а можно е да постојат и дополнителни трошоци зависно од типот на производот.
Податоците на Европската комисија покажуваат дека секојдневно во Европската Унија пристигнуваат околу 12 милиони мали пратки, од кои дури 91 отсто потекнуваат од Кина.
Главната цел на новите мерки е зголемување на контролата врз евтините производи кои, според Брисел, често не ги исполнуваат европските безбедносни стандарди, особено во сегментите како козметика, електроника и производи за деца.
Дополнително, новите правила би можеле да донесат и повисоки трошоци за потрошувачите во случаи на враќање на нарачаните производи. Иако враќањето ќе остане дозволено, царинските давачки и другите трошоци најверојатно нема да се рефундираат.
Најпогодени од овие промени би биле кинеските онлајн платформи, кои во последните години бележат голема популарност во Европа поради ниските цени и бесплатната достава.
Во исто време, големите логистички компании како DHL, FedEx и UPS предупредуваат дека новите правила би можеле да предизвикаат доцнења и дополнително оптоварување на царинските системи низ Европа.
