ЏОНСОН КОНТРА СИТЕ – Помалку луѓе, подобра иднина
Поранешниот премиер Борис Џонсон тврди дека намалувањето на населението е природен и позитивен процес.

Додека светските лидери предупредуваат на „демографска зима“, поранешниот британски премиер Борис Џонсон излезе со став што оди во спротивна насока и и предизвика силни реакции. Во своја колумна за Daily Mail, тој падот на наталитетот го опиша како „најдобрата вест во светот“, отфрлајќи ја доминантната реторика дека станува збор за сериозна глобална криза. Според Џонсон, намалувањето на бројот на населението е природен процес на саморегулација.
Тој посочува дека трендот е видлив на глобално ниво, а како пример го наведува и Обединетото Кралство, каде што во 2026 година се очекува смртноста да го надмине наталитетот и првпат по неколку децении.
Според неговата логика, помалку луѓе значи помал притисок врз природните ресурси и животната средина, што е особено важно во услови на засилени климатски предизвици. Дополнително, тој смета дека технолошкиот развој и особено напредокот во вештачката интелигенција ќе ја намали потребата од нова работна сила.
„Ако автоматизацијата ја преземе работата, нема потреба од вештачко зголемување на населението“, порачува Џонсон.
Тој ги критикува владините политики за поттикнување на наталитетот.
Неговиот став остро се судира со политиките на лидери како Доналд Трамп, Виктор Орбан и Доналд Туск, кои го гледаат демографскиот раст како клучен фактор за економска и национална стабилност.
Со оваа контроверзна перспектива, Џонсон отвора нова дебата: дали иднината припаѓа на помал број луѓе потпомогнати од технологија или на политики што ќе го стимулираат растот на населението по секоја цена.
