ОХРИД НЕ СПИЕ НА 12 СЕПТЕМВРИ Целиот стар град се претвора во музеј
„Охрид - Град музеј | Ноќ на музеи 2026“ ќе ги спои историјата, уметноста, традицијата и музиката.

Охрид на 12 септември ќе живее во духот на културата, традицијата, уметноста и музиката. Во стариот дел на градот ќе се одржи културниот настан „Охрид – Град музеј | Ноќ на музеи 2026“, кој ќе понуди богата програма на повеќе локации. Настанот ќе се одржи од 19:00 до 23:00 часот, на улицата „Цар Самоил“, со влез преку долната порта. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во разновидна програма која ги обединува традиционалните занаети, музејските поставки, фотографијата, ликовната уметност, музиката, виното и богатото културно наследство на Охрид.
Програмата започнува со „Малезан Филигран“, каде ќе биде претставена демонстрација на традиционалниот филигрански занает.
Следува „Култура 365 / Музеј А. Ден Долард“, со музејска поставка, како и „Концепт XI“, каде посетителите ќе можат да видат сувенири и да уживаат во дегустација на вино.
Посебно внимание привлекува „Куќата на Робевци“ со изложбата „Охрид – Свето Таинство“ од Зоран Вељаноски – Летра.
Во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ ќе биде поставена изложбата „Охрид низ фотографии“.
Програмата продолжува во „Куќата на Уранија – МАНУ“, каде ќе биде отворена изложбата „Уште една средба со светлината“ од Јордан Манасијески, во Галерија „Букефал“.
На Спомен-куќата на Христо Узунов ќе биде поставена изложба на писма, додека во работилницата за стара хартија – Паневски процес посетителите ќе можат да се запознаат со занаетот и традицијата.
Во Ателе „Трон“ ќе биде претставена охридската резба преку демонстрација и изложба.
Вила „Пупин“ – Сараиште ќе понуди дегустација на вино, вински подрум и настап на ВИС „Билјана“.
Посетителите ќе можат да го запознаат и традиционалниот занает преку „Охридски бисери – Филеви“, со демонстрација и музејска поставка. Големото финале на вечерта ќе се одржи во дворот на црквата „Св. Софија“, каде се предвидени ликовна изложба, коктел и музичка програма со опера и пијано.
„Охрид – Град музеј | Ноќ на музеи 2026“ има за цел на едно место да ги обедини културното наследство, современата уметност и традицијата, претворајќи го стариот дел на Охрид во отворена сцена за култура и уметност. Настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во рамки на Културолошката иницијатива „5 до 12“.


