СОФИЈА ЌЕ ЕКСПЛОДИРА Македонија тргнува во европска битка, а првиот противник е светскиот вицешампион
Полна арена, огромен притисок и фаворит на другата страна – македонските одбојкари се пред најтешкиот можен старт на ЕП.

Македонската машка одбојкарска репрезентација денеска попладне во софиската арена „8888“ го започнува својот четврти последователен настап на Европското првенство. На стартот избраниците на Јошко Миленкоски ги очекува исклучително тежок предизвик, ко-домаќинот и светскиот вицешампион Бугарија.
Во последните години македонската одбојка прерасна во еден од најпрепознатливите спортски брендови во земјата. Генерацијата предводена од капитенот Никола Ѓорѓиев веќе испиша значајни страници во историјата на македонскиот колективен спорт, а денеска има нова можност да покаже дека може да се носи и со најдобрите европски селекции.
Ова ќе биде четврто последователно учество на Македонија на континенталниот собир, по настапите во 2019, 2021 и 2023 година.
ТРИ ЕВРОПСКИ СТАРТОВИ, ТРИ РАЗЛИЧНИ ПРИКАЗНИ
На дебито во 2019 година Македонија во првиот натпревар се соочи со Финска. Во неизвесен меч, финската селекција славеше со 3:1, по сетови 25:23, 25:22, 23:25 и 25:21. Две години подоцна, во 2021 година, ждрепката повторно ни го донесе домаќинот Финска за противник на стартот. Во Тампере, пред неколку илјади домашни навивачи, Финците повторно беа подобри со 3:1 (25:20, 25:15, 24:26, 25:22).
А потоа дојде 2023 година и турнирот на кој македонската одбојка го достигна својот историски врв. Пред полните трибини во СЦ „Борис Трајковски“, Македонија со 3:1 ја совлада Данска (22:25, 25:22, 25:19, 25:22) и направи голем чекор кон историскиот пласман во осминафиналето.
СЕГА СЛЕДИ НАЈТЕШКИОТ МОЖЕН СТАРТ
Денеска противник е Бугарија селекција која на овој шампионат влегува со огромни амбиции, но и со предноста на домашниот терен. Бугарите се светски вицешампиони, а дополнителен мотив ќе им биде поддршката од домашната публика. Се очекува арената „8888“ да биде исполнета, со атмосфера која ќе создаде огромен притисок врз македонските одбојкари.
Сепак, од македонскиот табор порачуваат дека нема простор за стравопочит.
„Ги одработивме последните два официјални тренинзи и се наоѓаме непосредно пред натпреварот со еден од фаворитите во оваа наша група. Знаеме дека е една од најтешките групи на Европското првенство“, вели селекторот Јошко Миленкоски.
Тој додава дека за Македонија најважно ќе биде да ја одигра својата најдобра одбојка.
„За нас ќе биде голема сатисфакција ако ја одиграме нашата најдобра игра, а со најдобра игра, се разбира, очекуваме и позитивен резултат. Позитивен резултат за нас би било освојување на некој сет или сетови со тесни поени“, истакнува Миленкоски.
„ДА НЕ СЕ ОПТОВАРУВАМЕ СО ИМЕТО НА ПРОТИВНИКОТ“
Македонскиот селектор посебно потенцира дека неговите избраници мора да останат фокусирани и да не дозволат реномето на противникот да влијае врз нивната игра.
„Се надевам дека атмосферата ќе нè понесе и нас. Најважно е да играме како што знаеме, да не се оптоваруваме со името на противникот и противничките играчи и со ладни глави да влеземе во натпреварот“, порача Миленкоски.
БОРБА ЗА ЕДНО ОД ЧЕТИРИТЕ МЕСТА
Македонија е дел од групата Б, во која покрај Бугарија се и актуелниот европски шампион Полска, Украина, Израел и Португалија. Конкуренцијата е исклучително силна, а првите четири репрезентации од групата ќе обезбедат пласман во нокаут-фазата.
Во македонскиот табор реално ја гледаат шансата токму во завршницата од групната фаза, кога следуваат дуелите со Португалија и Израел. Но, пред тие натпревари следи големиот предизвик – светскиот вицешампион Бугарија на негов терен.
ЧЕТВРТО ЕП-УЧЕСТВО, НОВА ШАНСА ЗА ИСТОРИЈА
Европското првенство го организираат Италија, Финска, Бугарија и Романија, додека завршницата ќе се игра во Италија. За Македонија, пак, секој настап на европската сцена е можност уште еднаш да покаже дека успехот од изминатите години не е случаен.
Првиот противник е еден од најсилните можни. Бугарија има домашен терен, полна арена и статус на светски вицешампион. Македонија има искуство, мотив и генерација која веќе знае како се испишува спортска историја.
Судии на натпреварот ќе бидат Доминга Лот од Италија и Чанер Чилдир од Турција.

