ОДЛУКА ШТО ГИ ПОГОДУВА ПАТНИЦИТЕ – „Рајанер“ го напушта Солун, укинува летови и затвора база
Компанијата обвинува за енормно зголемени аеродромски такси, додека „Фрапорт“ тврди дека станува збор за деловна одлука.

Нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ најави дека оваа зима ќе ја затвори својата оперативна база на аеродромот во Солун и ќе го намали бројот на летови од и кон градот, поради спор околу зголемените аеродромски такси.
Главниот комерцијален директор на компанијата, Џејсон Мекгинес, изјави дека операторот „Фрапорт Грција“ значително ги зголемил надоместоците на грчките аеродроми, кои според него сега се дури 66 проценти повисоки во споредба со периодот пред пандемијата.
Од „Фрапорт Грција“, пак, ги отфрлија обвинувањата, нагласувајќи дека одлуката на „Рајанер“ е дел од нивната сопствена комерцијална стратегија и проценка на профитабилноста, а не последица на аеродромските такси.
Ирскиот авиопревозник, кој е најголем во Европа според бројот на патници, веќе најави и затворање на базата во Берлин поради повисоки трошоци и даноци. Во Солун моментално работат околу 100 лица, но засега нема информации дали ќе има отпуштања.
Освен Солун, намален капацитет ќе има и на аеродромот во Атина, а компанијата проценува дека ова ќе значи загуба од околу 700.000 седишта и укинување на 12 рути низ Грција.
„Рајанер“ најави дека дел од авионите ќе бидат пренасочени кон Албанија, Италија и Шведска.
