ОДИГРА ПОСЛЕДЕН МЕЧ – Замина човекот кој ја направи Црвена звезда гигант

Од терен до управување: успешна втора кариера како спортски работник.

ОДИГРА ПОСЛЕДЕН МЕЧ – Замина човекот кој ја направи Црвена звезда гигант
Фото: Принтскрин

На 85-годишна возраст почина Владимир Цветковиќ, поранешен југословенски кошаркар и долгогодишен генерален секретар на Фудбалскиот клуб Црвена звезда. Тој ќе остане запаметен како елегантен играч под обрачите, но и како еден од клучните луѓе во најголемите успеси на белградскиот клуб, кој како дел од управата стигна до титулата европски и светски шампион.

Целата своја играчка кариера, од 1959 до 1972 година, ја мина во Црвена звезда. Со клубот освои две шампионски титули во Југославија (1969 и 1972) и еден национален куп (1971), а девет сезони беше најдобар стрелец на тимот.

Значаен белег остави и во репрезентацијата на Југославија, за која настапи на 149 натпревари и постигна 1276 поени. Беше важен дел од генерацијата што освои четири сребрени медали на големи натпреварувања: Светските првенства во 1963 и 1967 година, Европското првенство во 1969 година и Олимписките игри во Мексико во 1968 година.

Особено се памети неговата улога во Мексико, кога во полуфиналето против Советскиот Сојуз, со сигурна игра во завршницата ги погоди клучните слободни фрлања и ѝ донесе на Југославија историски пласман во финалето.

По завршувањето на играчката кариера, Цветковиќ, како економист, продолжи со подеднакво успешна работа во спортот. Најдолго и најзначајно се задржа како генерален секретар на ФК Црвена звезда, функција што ја извршуваше 18 години, од 1983 до 2001 година.

Заедно со Драган Џајиќ, важи за еден од најзаслужните за формирањето на тимот што во 1991 година стана европски и светски шампион. Со современ пристап во водењето на клубот, ја зацврсти Црвена звезда како европски фудбалски гигант, а во неговиот мандат клубот освои вкупно 18 трофеи.

CATEGORIES
Share This