ОД ПРОКИСНАТИ ТАВАНИ ДО НАЈМОДЕРНА БОЛНИЦА – Што навистина се смени во „8 Септември“?
Инвестиција од 12 милиони евра за целосна модернизација на оперативниот блок.

Операционите сали во Градската општа болница „8 Септември“ се целосно реновирани со инвестиција од околу 12 милиони евра обезбедени преку ТАВ Македонија, но нивното ставање во целосна функција се очекува за околу два месеци, по завршување на сите административни процедури и обуки за медицинскиот персонал.
При денешната обиколка на реконструираните простории, во кои учествуваа владини претставници и менаџментот на ТАВ Македонија, беше соопштено дека проектот опфаќа вкупно 4.334 квадратни метри целосно обновен простор. Во рамки на реконструкцијата се изградени и опремени седум специјализирани операциони сали, оддел за интензивна нега, административни простории, како и целосно обновена покривна конструкција и делови за патологија и лабораториски услуги.
Директорот на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека салите и придружните оддели се опремени со современа медицинска технологија според најновите стандарди, нагласувајќи дека станува збор за инфраструктура која, како што рече, е меѓу најсовремените во регионот.
Директорот на болницата, Синиша Стојаноски, посочи дека пред отворањето следуваат уште неколку клучни фази и воспоставување стерилни услови, обука на персоналот за новата опрема, инспекциски надзори и добивање употребна дозвола. Тој додаде дека јавноста ќе биде редовно информирана за процесот до целосното ставање во функција на оперативниот блок.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека објектот бил во сериозно запуштена состојба пред реконструкцијата, со проблеми како прокиснување на покривот, и нагласи дека со обновата се создава модерен болнички комплекс споредлив со водечки здравствени центри во Европа. Тој истакна дека проектот претставува значаен чекор за јавното здравство.
Министерот за транспорт Александар Николоски додаде дека одлуката за инвестицијата била донесена на почетокот на мандатот на Владата, со цел средствата од концесионерот на аеродромите ТАВ Македонија да се насочат кон долгорочен и значаен инфраструктурен здравствен проект.
