МЕРЦЕДЕС ГИ ПРОДАДЕ СИТЕ САЛОНИ ВО БЕРЛИН – Илјадници работни места под знак прашалник
Канадски инвеститор ги презема берлинските салони на „Мерцедес-Бенц“, опфатени седум филијали со околу 1.100 вработени.

Германскиот автомобилски производител „Мерцедес-Бенц“ ги продал сите свои салони во Берлин на канадскиот претприемач Кулдип Билан, кој е раководител на групацијата „Алфа Авто“, пренесува „Билд“ повикувајќи се на деловни извори.
Во германската престолнина функционираат седум филијали со околу 1.100 вработени. Меѓу нив се и објектите во Шпандау и Мариенфелде, кои се опфатени со продажбата.
Вработените биле известени за договорот преку електронска пошта и им била понудена опција да изберат меѓу паричен надомест или гарантирана работа во траење од една година. По истекот на тој период, постојните договори би биле раскинати, а потоа би се склучувале нови.
Во повеќето случаи, отпремнините достигнуваат до 30.000 евра. Дополнително, најавен е состанок на вработените кој би можел да биде клучен за понатамошниот развој на ситуацијата.
„Мерцедес-Бенц“ наводно планира да продаде и салони во други германски градови, меѓу кои Хамбург, Минхен и регионот Рајна-Рур, што би можело да влијае на околу 8.000 работни места.
Според извори, останува неизвесно до кој степен новиот сопственик ќе ги почитува постојните договори за плати и услови за работа. „Билд“ потсетува дека вработените во берлинските салони во изминатите две години се обидувале да ја спречат продажбата, но без успех.
