ОД ПРОФЕСОР И АКДЕМИК ДО ВОЈНИК НА КОСОВО Кој е кандидатот на студентите за претседател на Србија
Повеќе од 80 научни трудови, членство во САНУ и воено искуство од бомбардирањето на НАТО во 1999 година – ова е биографијата на човекот зад кој застанаа студентите.

Радомир Саичиќ е изборот на Студентската листа за претседателските избори во Србија, распишани за 27 декември 2026 година. Неговата кандидатура беше соопштена на прес-конференција во белградскиот Сава центар, каде што студентите објаснија дека одлуката ја донеле по процес на консултации и разгледување на кандидатите.
Од студентското движење порачаа дека сакале да предложат личност чија поддршка за нивната борба била постојана и искрена, а не само декларативна.
„Сакавме некој што ќе биде рамо до рамо со нас од самиот почеток и кој ќе ги сподели со нас и тешките моменти и големите победи“, порачаа студентите.
Тие нагласија дека при изборот не биле важни само биографијата и професионалните достигнувања, туку и односот кон институциите, слободите и одговорноста кон општеството.
Студентите најавија дека и во претседателската кампања ќе продолжат со, како што велат, отворен, чесен и фер пристап, а посебен акцент ќе стават на контролата на изборниот процес и заштитата на секој глас.
„По големата и убедлива победа на парламентарните избори, влегуваме во претседателските избори многу поподготвени, поискусни и посигурни. И овој пат нашите контролори ќе направат сè за да се осигурат дека секој глас е заштитен“, порачаа од Студентската листа.
Радомир Саичиќ е роден на 31 октомври 1961 година во Белград. По завршувањето на студиите по хемија во 1983 година, магистрирал во 1987, а докторирал во 1991 година.
Својата академска кариера ја изградил на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград, каде што во 2002 година бил избран за редовен професор. Во текот на научната кариера се усовршувал и во Франција, на Институтот за хемија на природни производи при Националниот центар за научни истражувања.
Неговата научна работа е посветена на органската хемија и синтезата на биолошки активни соединенија. Автор е на повеќе од 80 научни трудови објавени во меѓународни списанија.
За дописен член на Српската академија на науките и уметностите бил избран во 2012 година, а шест години подоцна станал нејзин редовен член.
Еден од најинтересните делови од неговата биографија е военото искуство за време на бомбардирањето на тогашната Сојузна Република Југославија од страна на НАТО во 1999 година. Според неговите сопствени сведоштва објавени во регионалните медиуми, Саичиќ бил мобилизиран и распореден на Косово, каде што служел во воена единица за специјални операции.
Тој претходно завршил Школа за резервни пешадиски офицери во Билеќа, каде што, според неговите зборови, бил најдобар во својата генерација. Во телевизиско гостување зборувал и за воените должности што ги извршувал. Како што самиот навел, бил командант на стрелачки вод, а подоцна и командант на пешадиска чета.
Саичиќ сведочел дека за време на бомбардирањето престојувал со војниците во шумите и планинските предели, а военото искуство од 1999 година го посочувал како одговор на критиките и обвинувањата дека не бил доволно посветен на прашањето за Косово.
Прашањето за Косово е една од темите за кои Саичиќ јавно се изјаснува и во последниот период. Тој го опишува Косово како „привремено окупирана територија“, формулација што е во согласност со официјалната позиција на Србија, која не ја признава неговата независност.
Во своите јавни настапи, Саичиќ го истакнува и сопственото воено искуство од 1999 година, особено кога одговара на критиките поврзани со неговите ставови за Косово.
Иако најголемиот дел од животот го посветил на науката, во последните години Саичиќ сè поактивно се вклучува во општествените и политичките случувања во Србија. Особено се истакнал со поддршката на студентските протести што следеа по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, кога при уривањето на настрешницата загинаа 16 лица.
Тој беше меѓу професорите и академиците кои јавно застанаа зад студентското движење, а говорел и на големиот протестен собир на белградскиот плоштад Славија во мај 2026 година.
Своето политичко ангажирање Саичиќ не го претставувал како почеток на класична политичка кариера. Напротив, учеството во студентското движење го споредил со воена мобилизација, објаснувајќи дека по завршувањето на политичката борба има намера да ја „соблече униформата“ и да се врати на работата како професор и научник.
Тој е меѓу 14-те основачи на граѓанската група „Студентска листа – Студентите победуваат“.
На парламентарните избори одржани на 25 октомври 2026 година беше избран за пратеник во Народното собрание на Србија. На листата се наоѓал на 91-то место од вкупно 250 кандидати.
Сега студентското движење го предлага за претседател на државата, со што неговиот ангажман од универзитетската и научната сфера продолжува и на највисоката политичка сцена во Србија.

