ДВЕ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ НА ПАЗАРОТ НА СТАНОВИ Построги кредити и најавено поевтинување за млади брачни парови

д 1 декември се ограничуваат кредитите за купување втор и трет стан, додека Владата најавува 20 проценти попуст за млади брачни парови - еве колку би чинел стан од 60 квадрати во Центар, Карпош и Аеродром.

ДВЕ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ НА ПАЗАРОТ НА СТАНОВИ Построги кредити и најавено поевтинување за млади брачни парови
Фото: Принтскрин

Од 1 декември се менуваат условите за станбените кредити за граѓаните кои купуваат втор или трет недвижен имот, додека за прв стан остануваат досегашните поповолни правила. Паралелно, Владата најави 20 отсто пониски цени за станови наменети за млади брачни парови, но конечните критериуми за користење на мерката сè уште не се објавени.

Со новите правила на Народната банка, купувачите на втор или трет стан ќе можат да добијат помал кредит, а рокот за отплата ќе биде ограничен на најмногу 25 години, наместо досегашните 30. Се намалува и дозволениот дел од месечната плата што може да се користи за отплата на кредитните рати.

За граѓаните кои купуваат прв стан условите остануваат непроменети. Така, за недвижност вредна 100.000 евра ќе биде потребно учество од најмалку 10.000 евра, а кредитот ќе може да се отплаќа во период од 30 години. Целта на измените е да се ограничи прекумерното задолжување на населението.

Премиерот Христијан Мицкоски најави посебна мерка со која младите брачни парови ќе можат да купуваат станови со најмалку 20 отсто попуст во однос на референтната цена. Условот за возраста е до 35 години за најмалку еден од партнерите.

Предвидено е инвеститорите најмалку 10 отсто од станбената површина во новите објекти да ја наменат за оваа категорија купувачи. Како основа за пресметка е најавена просечната реализирана продажна цена во соодветната катастарска општина од претходната година.

Според податоците од Регистарот на цени и закупнини на Катастарот за 2025 година, просечните реализирани цени изнесувале 1.692 евра за квадрат во Центар, 1.558 евра во Карпош и 1.419 евра во Аеродром.

Ако се пресмета најавениот попуст од 20 отсто за стан од 60 квадратни метри, цените би изгледале вака:

  • Центар: од 101.520 на 81.216 евра – заштеда од 20.304 евра.
  • Карпош: од 93.480 на 74.784 евра – заштеда од 18.696 евра.
  • Аеродром: од 85.140 на 68.112 евра – заштеда од 17.028 евра.

Станува збор за илустративни пресметки врз основа на реализираните продажби во 2025 година, а не за конечни цени на становите што ќе бидат опфатени со мерката.

Мерката треба дополнително да се уреди со посебен закон. Засега не се објавени конечните критериуми, постапката за аплицирање и начинот на распределба на становите доколку заинтересираните парови бидат побројни од достапните единици.

Не е разјаснето ниту дали ќе има ограничувања во однос на приходите, сопственоста на друг недвижен имот и евентуалната препродажба на становите. Затоа, и покрај најавеното поевтинување, останува да се види кога и под кои услови младите брачни парови навистина ќе можат да ја искористат оваа можност.

CATEGORIES
Share This