ОД ПРИЈАТЕЛКА ДО СОПРУГА, ОД СОПРУГА ДО ЉУБОВНИЦА – Љубовниот лавиринт на Саркози
Иако е ослободен од дел од обвиненијата, случајот ја потврди старата вистина дека кај Саркози како во политиката, така и во љубовта страста и ризикот секогаш одат рака под рака.

Поранешниот францукси претседател Никола Саркози кој од вчера е во затвор на издржувањето на затворска казна, долги години беше во центарот на вниманието поради политичките потези, но, често ја интригираше јавноста и со својот бурен приватен живот – навика што очигледно ја наследил од својот татко.
Неговиот татко Пал Саркози, Унгарец по потекло, бил познат по своите четири брака и безброј афери, а во својата книга отворено се опишал како „ненаситен зависник од секс“.
Синот Никола, иако пообзирен од татко си, не успеал целосно да избега од сличен глас.
Неговата прва сопруга, Мари-Доминик Кулиоли, со која се оженил во 1982 година, му родила два сина и му помогнала во градењето на неговата политичка кариера. Но, идниот претседател ја изневерил со нејзината најдобра пријателка, поранешната манекенка Сесилија Сиган-Албениз. По неколку години тајна врска, Саркози ја напуштил сопругата и се преселил кај Сесилија, со која се венчал осум години подоцна.
И овој брак не потраја долго. Сесилија не ја поднесувала политиката, а во 2005 година го напушти Саркози и замина со организаторот на настани Ричард Атијас. Иако претседателот се обидуваше да ја врати со патувања и привилегии, на крајот остана сам.
Не за долго. Набрзо ја запозна заводливата пејачка и манекенка Карла Бруни – жена позната по својот шарм и по тоа што отворено изјавува дека „моногамијата е најголемата глупост“. Во нејзиното љубовно досие се наоѓаат имиња како Мик Џегер, Ерик Клептон и поранешниот француски премиер Лоран Фабиус.
Бруни предизвика и вистинска драма во париските елити – претходно била во врска со издавачот Жан-Пол Ентовен, а потоа и со неговиот син Рафаел, кој тогаш бил оженет со ќерката на познатиот филозоф Бернар-Анри Леви. Скандалот ја уништи младата Жистин Леви, која поради тоа напиша роман што стана бестселер.
Тензиите меѓу Леви и Саркози траеја со години, иако подоцна се помирија. Токму Леви бил еден од оние што го поттикнале Саркози да интервенира во Либија – потег што подоцна ќе му се врати како политички бумеранг.
Во 2012 година, кога се обидуваше да освои втор претседателски мандат, анкетите му беа неповолни, но неговиот љубовен живот и понатаму ја држеше јавноста во постојана возбуда.
Денес, Саркози повторно е во фокусот, но поради сосема поинакви причини – францускиот суд го осуди на пет години затвор, од кои две ефективни, поради соучество во криминална организација поврзана со сомневања за либиско финансирање на неговата изборна кампања во 2007 година.
Иако е ослободен од дел од обвиненијата, случајот ја потврди старата вистина дека кај Саркози како во политиката, така и во љубовта страста и ризикот секогаш одат рака под рака.


