ОД ОКТОМВРИ Лична карта и возачка на телефон
Апликацијата „м.Услуги“ ќе овозможи дигитална лична карта и возачка дозвола.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека во октомври официјално ќе биде промовирана апликацијата „м.Услуги“, која треба да овозможи дигитален пристап до личните документи и електронските услуги на државата.
„Можам официјално да најавам дека во октомври ќе организираме настан на кој ќе ја промовираме мобилната апликација м.Услуги. Во неа ќе бидат достапни електронски верзии на личната карта и возачката дозвола, како и две електронски услуги за граѓаните“, изјави Андоновски.
Апликацијата е замислена како единствено место преку кое граѓаните ќе можат да пристапуваат до своите дигитални документи, но и до електронските услуги што ги нуди државната администрација. Целта е административните постапки да станат поедноставни и подостапни, без потреба од физичко одење во институциите.
Посебно внимание, според министерот, било посветено на сајбер-безбедноста, заштитата на личните податоци и нивната безбедна размена со Министерството за внатрешни работи, кое е сопственик на податоците.
„Во завршна фаза сме на усогласување и потпишување на протоколот за размена на податоците, како и на тестирањето на апликацијата. Сакаме, пред таа да биде достапна за сите, да бидеме сигурни дека системот е стабилен, безбеден и едноставен за користење“, посочи Андоновски.
Апликацијата ќе биде достапна преку App Store и Google Play, а нејзината тест-верзија досега ја презеле околу 6.000 граѓани.
Со воведувањето на „м.Услуги“, Владата најавува уште еден чекор кон целосна дигитализација на јавните услуги. Крајната цел е мобилниот телефон постепено да прерасне во своевиден дигитален паричник, преку кој граѓаните безбедно ќе ги чуваат и користат своите документи и ќе пристапуваат до услугите на државата.

