ДВАЈЦА ПРОНАЈДЕНИ МРТВИ ВО СТАН ВО СКОПЈЕ 13 часа претходно биле пријавени за исчезнати
Педесетгодишна жена и 37-годишен маж биле пронајдени во стан во Црниче, МВР соопшти дека немало видливи траги на насилство.

Две лица, 50-годишна жена и 37-годишен маж, биле пронајдени мртви во стан во скопската населба Црниче, откако само 13 часа претходно биле пријавени за исчезнати. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на телата немало видливи траги на насилство.
Исчезнувањето било пријавено во СВР Скопје во 00:49 часот на 2 септември. Пријавата ја поднела ќерката на 50-годишната жена, која не успевала да стапи во контакт со мајка си и со нејзиниот сопруг.
Околу 13:50 часот, ќерката ги пронашла двајцата во станот и веднаш го пријавила случајот во полиција. На местото пристигнала екипа на СВР Скопје, а лекар од судска медицина ја констатирал смртта.
Иако во дел од првичните медиумски информации се појави податок дека починатите биле државјани на Тајланд, според официјалното соопштение на МВР, двајцата биле државјани на Тајван.
Во текот на попладнето околу зградата во Црниче било забележано засилено полициско присуство. Соседите, сепак, не можеле да кажат што точно се случило во станот.
Од МВР засега не ја наведуваат причината за смртта. Телата се предадени на обдукција, која треба да даде одговор за околностите и причината за смртта.
Полицијата презема дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.

