ОД НАФТОГАС ДО ПРЕМИЕРСКА ФОТЕЛЈА Зеленски избра нов човек за Украина

Врховната рада го изгласа назначувањето на Сергеј Корецки со 289 гласови, а тој станува четвртиот премиер во мандатот на Володимир Зеленски.

ОД НАФТОГАС ДО ПРЕМИЕРСКА ФОТЕЛЈА Зеленски избра нов човек за Украина
Фото: Принтскрин

Врховната рада на Украина го назначи Сергеј Корецки за нов премиер, откако предлогот на претседателот Володимир Зеленски доби поддршка од 289 пратеници од вкупно 450, објави „Укринформ“. Корецки (48) станува четвртиот премиер во мандатот на Зеленски, наследувајќи ја Јулија Свириденко, чија оставка беше прифатена од парламентот на 14 јули. Со нејзиното заминување автоматски падна и целата влада.

Новиот украински премиер е роден во Луцк, а најголемиот дел од професионалната кариера го изгради во енергетскиот сектор. Пред назначувањето на функцијата премиер, тој беше на чело на државната енергетска компанија „Нафтогас Украина“. Претходно раководеше со компаниите „Укрнафта“ и „Укртатнафта“, кои во 2022 година беа префрлени под државна контрола.

Според официјалните податоци, под негово раководство „Укрнафта“ од компанија која во периодот од 2013 до 2022 година прикажувала загуби од околу 196 милиони евра, се трансформирала во една од најпрофитабилните компании во Украина, со околу 784 милиони евра нето-добивка во текот на 2023 и 2024 година. Корецки претходно бил генерален директор на холдингот „Континуум“ и на синџирот бензински пумпи WOG, а во 2019 година ја основал компанијата „Идеалист Кофи Ко“.

Од мај 2025 година беше претседател на Управниот одбор на „Нафтогас“, компанија која минатата година остварила приходи од околу 5,32 милијарди евра, што претставува раст од 5,7 отсто во однос на 2024 година. Зеленски предлогот за негово назначување го достави до парламентот на 15 јули, откако Корецки претходно им ја претстави на пратениците од владејачката партија „Слуга на народот“ својата визија за работата на новиот кабинет и главните приоритети на владата.

CATEGORIES
Share This