НЕ ГИ СПАСУВАЈТЕ УДАВЕНИТЕ ПОЛИТИЧАРИ Мицкоски со остра порака пред изборите во Брвеница
Премиерот ги повика Македонците и Албанците да не гласаат според етничката припадност, туку според разумот и срцето.

Премиерот Христијан Мицкоски упати порака до жителите на Брвеница пред вториот круг од локалните избори, повикувајќи ги да не подлегнуваат на етнички поделби, туку да го поддржат кандидатот за кој сметаат дека ќе донесе повеќе проекти и подобар живот за нивните семејства.
По промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“, Мицкоски порача дека политичарите доаѓаат и си заминуваат, додека граѓаните продолжуваат да живеат заедно, без разлика на етничката припадност.
„Немојте никогаш да гласате затоа што некој од политичарите ви вели гласајте за овој затоа што е етнички припадник на таа заедница или на другата, туку гласајте онака како што ви вели и разумот и срцето“, рече Мицкоски.
Тој упати и остра критика кон политичарите кои, според него, се обидуваат да ја спасат својата политичка иднина преку етнички поделби.
„Оставете не нас политичарите. Гласајте за оној којшто мислите дека ќе изработи повеќе проекти за вас. Немојте да ги спасувате изгубените и удавени политичари“, порача премиерот.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со реализација на инфраструктурни и образовни проекти во регионот, меѓу кои патот од Стенче до Гургурница, градинката во Челопек, училиштето во Седларце и стадионот во Радиовце.
Во вториот круг за градоначалник на Брвеница ќе се натпреваруваат Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг освои 2.945 гласа, и Аркин Јахиј од Националната алијанса за интеграција, кој доби 2.152 гласа.

