ОД БОРБА ЗА ОПСТАНОК ДО НАПАД НА ТРОФЕИ Работнички започнува нова ера

По тешката мината сезона, новото раководство најавува враќање на победничките патеки, а долгот на клубот е намален за 70 отсто.

ОД БОРБА ЗА ОПСТАНОК ДО НАПАД НА ТРОФЕИ Работнички започнува нова ера
Фото: Принтскрин

Кошаркарскиот клуб Работнички влегува во новата сезона со амбиција повторно да има значајна улога на домашната сцена, во година во која го одбележува големиот 80-годишен јубилеј.

По тој повод, во Скопје ќе гостува Војводина, амбициозниот српски клуб кој неодамна стана дел од новиот проект Дубаи.

„Сакавме за овој јубилеј да поканиме евролигаш, но тоа не беше возможно бидејќи сите клубови имаат однапред испланиран распоред за цела година. Поради тоа се одлучивме за Војводина, амбициозен српски клуб кој сезонава има високи амбиции и сака да обезбеди пласман во АБА лигата“, изјави извршниот директор на Работнички, Бранко Радевски.

Претседателот на клубот, Александар Стојкоски, посочи дека Работнички има јасна цел и повторно да се врати на победничките патеки и да го врати клубот на местото што го заслужува.

„Им должиме голема благодарност на сите легенди кои биле дел од Работнички и освоиле бројни трофеи. Свесни сме дека клубот мина низ тежок период. Кризата кулминираше минатата сезона, кога наместо да се бори за трофеи, Работнички мораше да се бори за опстанок. Тоа беше јасен сигнал и почеток на еден процес и формирање нова управа со јасна визија и цел за тоа како клубот треба да продолжи во иднина“, истакна Стојкоски.

Радевски, пак, откри дека во изминатиот период значително е намалена финансиската задолженост на клубот.

Според него, вкупниот долг на Работнички е намален за околу 70 проценти, но ќе бидат потребни уште неколку месеци за целосна финансиска и организациска стабилизација.

Целта на новото раководство е Работнички постепено да се врати на нивото на кое, според традицијата, историјата и резултатите, заслужува да биде.

ВО ЧЕСТ НА ВЕЛИКАНОТ НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА – Салата „Работнички“ ќе го носи името на Лазар Лечиќ

CATEGORIES
Share This