ОД 67.000 НА 22.000 ЕВРА Продадено контроверзното службено „Ауди“ на Мерко, купувачот е од Битола
На јавната аукција учествуваа девет понудувачи, а највисоката понуда ја достави компанија од Битола.

Службеното „Ауди А6“ на Општина Струга, кое пред седум години беше набавено за околу 67.000 евра за време на мандатот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, е продадено на јавна аукција за 22.000 евра. Продажбата беше реализирана преку извршител, кој пред четири месеци го заплени возилото. Средствата од продажбата ќе бидат искористени за намалување на долговите што Општина Струга ги има кон повеќе доверители.
Од Општина Струга информираа дека продажбата на возилото претставува дел од политиката за рационализација на трошоците и намалување на јавниот долг.
„Озлогласеното службено возило, кое беше симбол на прекумерниот луксуз на поранешниот градоначалник на Општина Струга, денеска беше продадено за 22.000 евра, со што се намалува јавниот долг на нашата општина. Возниот парк на Општина Струга треба да располага со возила кои се неопходни за ефикасно и нормално функционирање на општинската администрација. Овој пристап, насочен кон намалување на трошоците и на јавниот долг, ќе ни помогне во наредните години да создадеме услови за уште поголем развој на Општина Струга“, соопшти локалната самоуправа.
Од Општината додаваат дека секое заштедено евро ќе биде насочено кон инвестиции во инфраструктурата, училиштата, градинките, јавните површини и подобрување на услугите за граѓаните.
„Тоа е принципот на кој се темели работењето на новото општинско раководство – помалку луксуз за функционерите, повеќе инвестиции за Струга. Општина Струга ќе продолжи со политиката на рационализација на трошоците, транспарентно управување и постепено намалување на јавниот долг“, наведуваат од општинската прес-служба.
Според информациите од локалната самоуправа, на јавната аукција учествувале девет заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и Скопје. Највисоката понуда, во износ од 22.000 евра, ја доставила компанија од Битола, која е избрана за најповолен понудувач.
Луксузното „Ауди А6“ беше набавено во период кога сметката на Општина Струга беше блокирана, а купувањето на возилото тогаш предизвика силни реакции во јавноста. Во меѓувреме, против поранешниот градоначалник Рамиз Мерко беше водена судска постапка поврзана со набавката, но Основниот суд во Струга донесе одлука дека тој не сноси вина за купувањето на службеното возило.
АУДИТО НА МЕРКО НА ПОПУСТ – Купено за 67.000, сега се продава за 10.000 евра


