ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН ПАТОТ КУМАНОВО КРИВА ПАЛАНКА – АМСМ со итен апел до возачите

Сообраќајот кај Чешмиче е целосно запрен поради сообраќајна незгода, а АМСМ ги повика возачите да бидат особено внимателни бидејќи на повеќе патни правци низ државата има времени режими и градежни работи.

ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН ПАТОТ КУМАНОВО КРИВА ПАЛАНКА – АМСМ со итен апел до возачите
Фото: Принтскрин

Сообраќајот на магистралниот пат А2 Куманово – Крива Паланка, кај месноста Чешмиче, е целосно во прекин за сите видови моторни возила поради сообраќајна незгода.

Инаку, на останатите државни патишта сообраќајот се одвива непречено по суви коловози, а интензитетот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 6 јули (понеделник) започнува и времена измена на сообраќајот поради санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип, која ќе трае до завршување на работите.

АМСМ препорачува возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде е можна појава на одрони, меѓу кои Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за возила до 3,5 тони.

Во сила останува и летниот режим на сообраќај за тешките товарни возила над 15 тони, кој важи од 1 јули до 31 август, како и дополнителните ограничувања на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид за возила над 7,5 тони за време на викендите.

Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ земјата продолжуваат градежни активности и важат времени режими на сообраќај, меѓу кои мостовите на делницата Гостивар – Стража, мостовите на А2 кај Желино, изградба на гасовод на автопатот Смоквица – Гевгелија, рехабилитација на скопската обиколница, санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост како и работи на Коридорот 10Д на делницата Прилеп – Битола, каде сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат.

CATEGORIES
Share This