ОБИД ЗА ПАЛЕЊЕ НА ЕВРЕЈСКИ ОБЈЕКТ ВО СКОПЈЕ – Седум приведени, истрагата открива мрачни детали
Претресени 13 локации и одземени телефони, компјутери и други клучни докази.

Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во рамки на своите надлежности, спровела оперативно-технички и аналитички активности насочени кон откривање на мотивите и можните извршители на обидот за палење на објектот на Еврејската заедница во Скопје.
Според прибраните информации, идентификувани се лица за кои постојат индиции дека се директно вклучени во настанот, како и нивна логистичка поддршка. Исто така се посочуваат и повеќе објекти во Скопје поврзани со групација која, според сознанијата, идеолошки се надоврзува на глобални радикални мрежи блиски до „Исламска држава“. Се наведува дека по повик од оваа терористичка организација на почетокот на април, групата презела насилни активности.
Во координација со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи, на 30 април 2026 година е спроведена акција во која се приведени лица и извршени претреси на повеќе локации, со цел спречување понатамошни активности и обезбедување докази.
Од АНБ посочуваат дека остануваат посветени на превентивно делување и навремено спречување на безбедносни закани, преку соработка со надлежните институции.
Во одвоен дел од акцијата, од безбедносните органи е соопштено дека седум лица се приведени во врска со обидот за палење на верскиот објект на Еврејската заедница, кој се случил на 12 април. Претреси биле извршени на 13 локации во Скопје, при што се одземени електронски уреди и други предмети кои можат да бидат поврзани со случајот.
По налог на обвинител, осомничените се задржани во постапка, а против две лица А.Љ. (21) и А.Р. (38), и двајцата од Скопје е поднесена кривична пријава за „тероризам“. Судија на претходна постапка им одредил мерка притвор.
