НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА ПУШЕЊЕ НИКАКО ДА СТИГНАТ ДО ПРАТЕНИЦИТЕ Што ќе биде забрането?
Законот требаше да почне да се применува уште во март, но и натаму е заглавен во собраниска процедура со осум поднесени амандмани.

Новиот закон за заштита од пушење сè уште не стигнал до пленарна седница во Собранието, иако првично беше најавено дека построгите правила ќе почнат да се применуваат уште во март годинава.
Предлог-законот во моментов се наоѓа во собраниска процедура. Стигнал до второ читање на Комисијата за здравство, но досега се поднесени осум амандмани, за кои се очекуваат дополнителни мислења.
Од Собранието информираат дека дел од пратениците побарале мислења од домашни експерти, како и од стопанственици кои се занимаваат со производство на тутунски производи.
„Покрај мислењето на Светската здравствена организација, група на пратеници побарале дополнителни мислења за законот од домашни експерти и мислење од стопанствениците што се занимаваат со производство на тутунски производи. Штом пристигнат побараните мислења, комисијата ќе ја продолжи постапката“, велат од Собранието.
Построги правила и за електронските цигари
Предлог-законот предвидува значително построги правила за пушењето во затворени простории. Забраната не би се однесувала само на класичните цигари, туку и на електронските цигари.
Каде би важела забраната?
Според предложените правила, пушењето би било забрането во јавни институции, приватни компании, образовни установи, автобуски и железнички станици, пазари, како и на други места каде што се собира поголем број луѓе.
Додека не заврши собраниската процедура и предлогот не биде ставен на пленарна седница, новите правила сè уште не се во примена.
РАДИКАЛНИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ Пушење забрането во ресторани, барови и тераси

