НОВИ ЗАБРАНИ ВО СООБРАЌАЈОТ Камионите запрени на Стража, Ѓавато и уште два патни правци

Затворени за тешки товарни возила се патните правци Маврово – Дебар, Стража, Крива Паланка – Деве Баир и Битола – Ресен.

НОВИ ЗАБРАНИ ВО СООБРАЌАЈОТ Камионите запрени на Стража, Ѓавато и уште два патни правци
Фото: Принтскрин

Поради врнежите од снег и зимските услови на патиштата, воведени се забрани за движење на тешки товарни возила на неколку патни правци низ државата, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Забраната за тешки товарни возила е во сила:

  • Од 18:00 часот на патниот правец Маврово – Дебар и на планинскиот премин Стража.
  • Од 22:15 часот на магистралниот пат Крива Паланка – граничен премин Деве Баир.
  • Од 00:20 часот на патниот правец А3 Битола – Ресен, преку превојот Ѓавато.

Од друга страна, сообраќајот е нормализиран на неколку делници. Од 07:30 часот на 29 ноември е укината забраната за тешки товарни возила на патниот правец Ресен – Охрид, преку превојот Буково, кој е прооден за сите видови возила.

Исто така, од 07:00 часот е нормализиран сообраќајот на магистралниот пат А3 на делницата Делчево – граничен премин Делчево, каде што сообраќајот се одвива непречено.

Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од снег има на повисоките делови од државата, додека во пониските места врнежите се со послаб интензитет.

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои опасност од одрони.

Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 ноември до 15 март 2027 година на сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови.

Воедно, од 17 ноември затворен за сообраќај за сите видови возила е патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица, согласно сезонскиот режим на сообраќај.

CATEGORIES
Share This