ИРАН ИСПРАТИ ЖЕСТОКО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Секоја земја од која ќе биде нападнат ќе стане легитимна цел
Иранскиот генерал предупреди дека секоја локација од која ќе биде извршен напад врз земјата ќе се смета за легитимна воена цел.

Иран испрати ново остро предупредување до своите противници, најавувајќи дека секоја локација во светот од која ќе биде извршен напад врз земјата ќе се смета за легитимна воена цел.
Заменик-началникот на Генералштабот на иранските вооружени сили, бригадниот генерал Киумарс Хејдари, изјави дека воените сили на Иран се целосно подготвени да одговорат на каква било агресија.
За време на посетата на изложба посветена на воените операции и конфликтите со САД и Израел, Хејдари нагласи дека секоја позиција од која ќе биде упатена закана кон Иран може да стане цел на ирански напад, пренесува иранската новинска агенција Фарс.
Тој порача дека Техеран нема да прави разлика во однос на географската локација од која би бил извршен евентуален напад, нагласувајќи дека одговорот ќе следува без оглед каде се наоѓа таа позиција.
Хејдари упати и политичка порака до Вашингтон, оценувајќи дека САД повеќе не се водечка светска сила.
Според него, отпорот на иранскиот народ кон Соединетите Американски Држави и Израел му овозможил на Иран да заземе нова позиција во глобалната рамнотежа на моќ.
Изјавите на иранскиот генерал доаѓаат во услови на сериозни регионални тензии и претставуваат ново предупредување дека Техеран е подготвен да го прошири одговорот и надвор од сопствената територија доколку биде нападнат.

