НОВА СТРАНИЦА ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО САЛЦБУРГ Основана црковна општина „Св. Архангел Михаил“
Со првата Света Архиерејска Литургија започна црковниот живот на македонските православни верници во Салцбург и околината.

Македонските православни верници во Салцбург и околината добија своја нова црковна општина, откако митрополитот европски Пимен даде благослов за нејзино основање во рамките на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Почетокот на црковниот живот на македонските верници во овој австриски град беше одбележан на 19 септември со првата Света Архиерејска Литургија, отслужена по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица.
Со богослужбата чиноначалствуваше митрополитот европски Пимен, во сослужение со отец Јован. На Литургијата присуствуваа бројни македонски православни верници од Салцбург и околните места.
Новата црковна општина ќе го носи името „Св. Архангел Михаил“ и ќе функционира во состав на Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
Од Европската епархија посочуваат дека со основањето на општината се отвора ново поглавје во црковниот живот на македонските православни верници во Салцбург.
Во рамките на општината ќе се организира редовен богослужбен и црковен живот, со цел македонската православна заедница во Салцбург и околината да има свое духовно средиште и организиран црковен живот.


