НОВА ЕСКАЛАЦИЈА Зеленски откри страшни разузнавачки информации за Русија
Украинскиот претседател алармира за можен нов голем руски напад.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Даблин изјави дека Русија, според податоци од украинските разузнавачки служби, подготвува нов масовен напад врз украинската територија. На заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Зеленски рече дека рускиот претседател Владимир Путин „веќе извесно време подготвува засилен напад врз Украина“ и дека заканата е актуелна и сериозна.
„Денес имаме непријатни информации за подготовка на уште еден масовен руски напад. По завршувањето на оваа прес-конференција, наскоро се враќам во Украина со мојот тим. Ги повикувам граѓаните да бидат особено внимателни, да се заштитат себеси и своите деца и да ги следат предупредувањата за воздушна опасност“, изјави Зеленски, пренесува Укринформ.
Тој нагласи дека украинските власти издале соодветни наредби до армијата и дека воздушната одбрана ќе биде целосно ангажирана за да се спротивстави на секоја закана. Зеленски додаде дека и покрај дипломатските обиди на Киев преку официјални и неофицијални канали, Москва не покажува подготвеност за завршување на војната.
„Русија гледа само кон понатамошна ескалација против Украина, но и против нашите соседи и Европа. Мораме да ја доведеме во ситуација во која нема да има избор освен мир“, истакна тој.
Зеленски пристигна во Даблин по повод церемонијата за почеток на ирското претседавање со Советот на Европската Унија.


