НОВА ЕРА ЗА МАКЕДОНИЈА Игор Марковиќ е нов селектор на женската репрезентација

Новиот предводник на македонските ракометарки доаѓа со големо меѓународно искуство и историски успех со Црна Гора на Светското првенство во Кина.

НОВА ЕРА ЗА МАКЕДОНИЈА Игор Марковиќ е нов селектор на женската репрезентација
Фото: Принтскрин

Ракометната федерација на Македонија го назначи Игор Марковиќ за нов селектор на женската сениорска репрезентација. Марковиќ е роден на 16 декември 1981 година во Цетиње, Црна Гора, а како ракометар настапуваше на позицијата лево крило. По завршувањето на активната играчка кариера во 2022 година, тој целосно се посвети на тренерскиот повик, започнувајќи со работа во младинските женски репрезентативни селекции на Црна Гора.

Неговиот тренерски потенцијал брзо дојде до израз. Во 2023 година, како селектор на младинската репрезентација на Црна Гора, Марковиќ го освои шестото место на Европското првенство во Подгорица, резултат кој на тимот му обезбеди пласман на Светското првенство. Следната година ја предводеше црногорската селекција и на Светското младинско првенство во Скопје, по што направи важен чекор во клупската кариера. Марковиќ се приклучи на романскиот гигант Рапид Букурешт, каде работеше како помошен тренер и прв асистент на шпанскиот стратег Давид Хинеста Монтес.

Работејќи во клуб кој се натпреварува во ЕХФ Лигата на шампионите, Марковиќ доби можност да соработува со дел од најдобрите европски ракометарки и да стекне значајно меѓународно искуство. Најголемиот успех во неговата досегашна тренерска кариера го постигна во 2026 година. На Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина, Марковиќ ја предводеше Црна Гора до историско петто место во светот, што претставува еден од најзначајните резултати во историјата на црногорскиот женски младински ракомет.

Од РФМ посочуваат дека тренерската филозофија на новиот селектор се базира на дисциплина, максимална посветеност, силна одбрана, тимски дух и градење победнички менталитет.

„Ракометната федерација на Македонија изразува особена чест и задоволство што Игор Марковиќ ќе ја предводи женската сениорска репрезентација на Македонија во претстојниот период. На новиот селектор му посакуваме многу успех, среќа и бројни заеднички успеси со македонската репрезентација“, соопшти РФМ.

CATEGORIES
Share This