НОВА ДИГИТАЛНА АЛАТКА ОД УСТАВНИОТ СУД „Дознај ФАКТИ“ ќе ги разоткрива сите дилеми
Нова платформа за проверени информации и официјални појаснувања од Судот.

Уставниот суд од денеска ја пушта во употреба новата комуникациска платформа „Дознај ФАКТИ од Уставен суд“, наменета за навремено, точно и официјално информирање на граѓаните, медиумите и пошироката јавност.
Од Судот информираат дека платформата е дел од нивните заложби за поголема транспарентност, отвореност и достапност на информации од јавен интерес. Нејзината цел е да обезбеди проверени факти и појаснувања за работата на Судот, неговите постапки, одлуки и надлежности, како и да помогне во спречувањето на дезинформации, шпекулации и лажни вести поврзани со уставно-судската работа.
Преку платформата, јавноста ќе може да добива официјални информации, објаснувања за донесените одлуки и тековните постапки, како и поедноставени толкувања на уставно-правни прашања. Дополнително, ќе бидат објавувани податоци за организацијата и надлежностите на Судот, значајни одлуки од неговата практика и содржини поврзани со историјата и развојот на уставното судство.
Од Уставниот суд оценуваат дека „Дознај ФАКТИ“ ќе има и едукативна улога, придонесувајќи за подобро разбирање на уставно-правниот систем и улогата на Судот во заштитата на уставноста, законитоста и човековите права и слободи.
„Со воспоставувањето на оваа платформа, Уставниот суд ја потврдува својата определба за навремена, точна и одговорна комуникација со јавноста и за градење доверба преку факти и официјални информации“, наведуваат од Судот.
Платформата ќе функционира под мотото: „Кога имаш дилеми – провери ги фактите! Точно. Јасно. Официјално.“.


