НОВА АФЕРА ВО ФУДБАЛОТ ОВОЈПАТ ВО ВАЛАНДОВО – МВР откри сомнителна шема со милионска штета
МВР поднесе кривични пријави против двајца функционери на Општинскиот фудбалски сојуз Валандово поради сомнение за измама и фалсификување службени исправи.

СВР Струмица – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Валандово поднесе кривична пријава против К.С. (66) и М.Г. (54), двајцата од Валандово, поради сомнение дека сториле кривични дела „измама во службата“ и „фалсификување службена исправа“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, првопријавениот, во својство на претседател, и второпријавениот, како секретар на Општинскиот фудбалски сојуз Валандово, во периодот од 2021 до 2025 година регистрирале повеќе фудбалски клубови за настап во општинската фудбалска лига, иако тие не ги исполнувале минималните услови за број на играчи предвидени со правилникот на Фудбалската федерација на Македонија.
Со ваквите дејствија, како што наведува МВР, овозможиле зголемување на бројот на делегати во Собранието на ФФМ, на кои потоа им биле исплаќани надоместоци по различни основи. На тој начин, за себе и за други лица, осомничените прибавиле противправна имотна корист од околу 1.350.000 денари.
Исто така, пријавените составувале записници за наводно одиграни натпревари, во кои внесувале невистинити податоци за лица кои биле наведени како учесници, иако дел од натпреварите, според пријавата, воопшто не биле одиграни.


