БУГАРИЈА ОТВОРА НОВ ФРОНТ СО МАКЕДОНИЈА По историјата, на удар црковното наследство
Бугарскиот историчар Ангел Димитров тврди дека прашањето за Охридската архиепископија е една од најголемите пречки во работата на историската комисија.

Новото поглавје во спорот меѓу Македонија и Бугарија би можело да се отвори на полето на црковното наследство и идентитетот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Таков сигнал испрати бугарскиот историчар и копретседавач на Заедничката македонско-бугарска историска комисија, Ангел Димитров, кој оцени дека едно од најчувствителните прашања во работата на Комисијата е токму толкувањето на историјата на Охридската архиепископија.
Според Димитров, бугарската страна смета дека Охридската архиепископија е институција со корени во средновековната Бугарска патријаршија и дека нејзиното основање од византискиот цар Василиј II претставувало продолжување на црковните права на населението кое претходно било под јурисдикција на Првото бугарско царство.
„Она што нè спречува во работата е неподготвеноста на нашите колеги да ја прифатат дефиницијата за заедничка историја. Посебниот проблем е нивното несогласување со тезата дека Охридската архиепископија има врска со црковната традиција на Бугарската патријаршија“, изјави Димитров.
Тој нагласи дека ова прашање, според него, има и современа политичка тежина, бидејќи Македонската православна црква – Охридска архиепископија се повикува на историското наследство на Охридската архиепископија и го носи нејзиното име.
Од македонска страна, историчарите и црковните претставници укажуваат дека Охридската архиепископија претставува самостојна словенска црковна традиција, поврзана со мисијата на Свети Климент Охридски и духовниот развој на населението во регионот. Според ова гледиште, токму ова наследство претставува историска основа за возобновувањето на современата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Изјавите на Димитров доаѓаат во период на засилени пораки од Бугарија дека процесот на европска интеграција на Македонија не се ограничува само на уставните измени и внесувањето на Бугарите во највисокиот правен акт, туку дека постојат и други чувствителни прашања поврзани со историјата, идентитетот и културното наследство.


